
Нови детали за викендичката на смртта во која згаснаа 8 млади животи – едно прозорче ја наполни собата со отровен гас
Резултатите од вештачењата кои ќе ја расветлат трагичната смрт на осумте 19-годишници која се случи на новогодишната ноќ во местото Трибистово кај Посушје и во црно ја зави цела Босна и Херцеговина се уште се работат во Центарот за вештачење во Сараево.
Препорачано
Обвинителот од Западнохерцеговачкиот кантон Борислав Чуљак рече дека според досегашните истражни дејства се претпоставува дека четирите девојки и четирите момчиња се задушиле од издувен гас од агрегатот, но случајот ќе го расветлат резултатите од вештачењето во Сараево.
-Обвинителството и полицијата направија се што можеа и сега само останува да ги чекаме конечните резултати за да се дознае вистината и за да се затвори случајот, рече Чуљак. Тој додава дека барале вештачењето да се работи по итна постапка, за смртта на младите да се расветли што побрзо, но процесот не е едноставен и не може да се заврши со онаа брзина со која се очекува.
-На вештачење се доставени примероци од крв кои се земени при обдукција на токсиколошки и други вештачења, сите траги и материјални докази кои ги најдовме при утврдувањето на дејствата, како и наоди од сите вештачења кои се овде спроведени, појаснува обвинителот за Кликс.
Полицискиот комесар од Западнохерцеговачкиот кантон Милан Галиќ рече дека ова е најтежок случај на кој некогаш работел и кој го памети овој крај, и дека верува дека поради ова вештачењето ќе биде приоритетно, иако се работи за комплексен процес, зошто е голем интересот на јавноста за овие резултати.
-На самото место вештак извршил вештачење на агрегатот кој работел цела ноќ, како и на оџакот и печката на дрва во која се пронајдени жарчиња, па се земени сите траги, објасни Галиќ.
Телата на задушените момчиња и девојки се пронајдени од страна на нивните пријатели кои со нив славеле Нова година, но спиеле во викендичка во близина.
-Кога се разбудиле утрото, фрлале петарди и бидејќи никој не излегол, едно момче отишло да види и ја забележал шокантната глетка, сите 8 пријатели мртви, рече комесарот наведувајќи дека тоа момче случајот го пријавило во полиција. Затекнати се шест лица во седечка положба додека двајца кои седеле на аглите биле на подот.
-Самиот факт кога влегле во помошниот објект и го затекнале агрегатот како работи доволно говори како и тоа дека викендичката била заклучена, а ниту еден прозорец на бил отворен освен еден мал на кип па дошло до задушување со отровни гасови, вели Галиќ.
Според неговите зборови, тоа мало прозорче кое било малку подотворено ја спојувало викендичката и помошниот објект во кој бил агрегатот, и тоа не пуштало свеж воздух туку носело отровни гасови од наведената просторија поради што тие најверојатно се задушиле.
– Tаа остава има двојна врата една спроти друга, а кога нашите службеници дојдоа едната беше целосно затворена, а другата малку подотворена, како и малиот прозорец од викендичката кој е споен со таа остава, додека агрегатот работел цела ноќ, објаснува тој.
Влезната врата од викендичката била заклучена и сите алуминиумски отвори биле затворени така што според неговите зборови не влегувал кислород никако.
– Мислам дека нив отровниот гас ги заспивал полека и не можеле ништо да почувствуваат, ако се работи за јаглерод моноксид, зошто токму тој има такви својства, но тоа ќе го утврди вештачењето, истакнува тој. Напоменува дека постои можност отровни гасови да доаѓале од оџакот или печката на дрва, зошто имало жар кога телата се пронајдени, но не треба да се шпекулира, зошто конечните резултати од вештачењето ќе го расветлат овој трагичен случај.
Тажната приказна од овој херцеговачки крај одекна низ регионот, зошто таков трагичен почеток на Новата година не се памети.
Погребот на Мирела Резо и Стјепан Јукиќ е одржана на 3. јануари во Посушје, додека ден подоцна се погребани Жана, Марија и Стипе Павковиќ, Иван Миличевиќ, Миа Солдо и Стипе Ромиќ во Ракитна. На последното испраќање на младите се собраа повеќе од илјада луѓе. Во БиХ по повод трагичната смрт на 8-те млади беше прогласена тридневна жалост.