
Нова студија: Тинејџерките треба да ја избегнуваат оваа храна за да го намалат ризикот од рак на дојка
Новата студија објавена во списанието „Брест канцер рисрч“ (Breast Cancer Research) откри дека овој вид на исхрана може да биде особено опасен за тинејџерките кога поминуваат низ пубертетот и кога нивните гради се развиваат, што потенцијално може да доведе до развој на рак на дојка во иднина.
Препорачано
Сите сакаат брза храна, но тинејџерките треба да бидат особено внимателни кога ја јадат. Познато е дека исхраната богата со шеќер, јаглехидрати и високо преработена храна е поврзана со зголемен ризик од рак, како и со дебелина и други здравствени проблеми. Но, новата студија во списанието „Брест кенсер рисрч“ покажа дека овој тип на исхрана може да биде особено опасен за тинејџерките кога минуваат низ пубертетот и нивните гради се развиваат, што потенцијално ќе доведе до развој на рак на дојка во иднина, наведува „Њујорк тајмс“.
„Додека лекувањето на ракот на дојката е еден од најнапредните и најуспешните протоколи во онкологијата, превенцијата на болеста е следната цел, исход што би го променил здравјето на жената“, рекол д-р Стивен Кеј.
„Развојот на градите во текот на пубертетот создава ранлива временска рамка од неколку години. Секоја еколошка повреда, вклучително и претерано рендгенско снимање на градниот кош или токсични производи како брза храна, може да се засили ако се појави во текот на пубертетот. Разбирањето на оваа врска помеѓу развојот на дојката и идниот рак на дојка треба да се користи за информирање на упатствата за исхрана за адолесцентките.“
Истражувачите од Медицинскиот универзитет во Јужна Каролина (МУСК) открија дека брзата храна исто така има високи концентрации на крајни производи на напредна гликација (АГЕ) – штетни соединенија кои можат да го зголемат ризикот од многу болести кога се акумулираат во големи количини. АГЕ се формираат кога шеќерот ќе стапи во интеракција со протеините или мастите во крвотокот.
„Зголемените нивоа на АГЕ се поврзани со зголемен ризик од рак на дојка, но нивното значење во голема мера е занемарено поради недостатокот на директна причинско-последична врска“, напишале авторите во студијата.
Научниците ја тестирале причината така што готвеле храна за глодачи базирана на гликоза на 120 степени Целзиусови во траење од 15 минути, со што се создале производи со спектар на АГЕ кои вообичаено се наоѓаат во пржената или печената храна и со неа ги хранеле глувците. Глувците, кои сите поминувале низ пубертет, биле поделени во три групи: контролна група со редовна исхрана на глувци, група со исхрана со мала обработка и група со храна на висока обработка. Третата била единствената која направила абнормални клетки на дојката и покажала промена во ткивото на дојката – слично на промените забележани кај пациентите со рак на дојка во рана фаза. Оваа промена кај луѓето се гледа како зголемена густина на градите, нешто што може да се види само на мамографија.
Иако сè уште не е јасно зошто густото ткиво на дојката е поврзано со рак на дојка, се верува дека густината произведува повеќе клетки кои би можеле да се претворат во абнормални клетки, зголемувајќи го ризикот од рак на дојка. Наодите не открија директна причинско-последична врска помеѓу високо преработената храна и ракот на дојката, но покажуваат дека консумирањето на високо преработена храна ја зголемува можноста за зголемување на густината на градите, што го зголемува ризикот од рак на дојка во иднина. Треба да се спроведат дополнителни истражувања за целосно да се разбере причинско-последичната врска.