Нова студија: Бебињата го учат мајчиниот јазик уште додека се во утробата на мајката

Трудница
Фото: Pexels/Pavel Danilyuk

Според една нова студија, тивките месеци што ги поминуваме во утробата пред раѓањето би можеле да бидат периодот кога започнува нашето учење на мајчиниот јазик.

Ова истражување нуди нови сознанија за леснотијата со која доенчињата можат да ги стекнат вештините за слушање и зборување. Тим истражувачи, предводени од експерти од Универзитетот во Падова, Италија, забележале специфични промени во мозочните модели на доенчињата кога бебињата биле изложени на говор. Ова сугерира дека нивниот мозок е веќе прилагоден на нивниот мајчин јазик и основните ритми на говорот.

„Овие резултати обезбедуваат најубедлив доказ досега дека јазичното искуство ја обликува функционалната организација на мозокот на новороденчето уште пред раѓањето“, пишуваат истражувачите во нивниот објавен труд.

Фото: Pexels/Pavel Danilyuk

Во истражувањето биле вклучени 33 доенчиња, на возраст од еден до пет дена, со мајки кои зборуваат француски јазик. На бебињата им била пуштена аудио снимка од приказната „Златокосата и трите мечки“ на француски, англиски и шпански јазик.

Користејќи капчиња со вградени електроди, истражувачите, со следење на мозочната активност, покажале дека веднаш по раѓањето сме способни да го препознаеме и апсорбираме јазикот што сме го слушале додека сме биле во утробата. Досега беше познато дека надворешните звуци се слушаат по околу седум месеци од бременоста.

Тимот откри дека мозочните осцилации предизвикани од француската верзија биле на специфична фреквенција, поврзана со природните ритми на говорот. Значи, ние сме подготвени да почнеме да учиме како да зборуваме, изгледа, дури и кога имаме само неколку дена.

„Мозокот на новороденчето, можеби, веќе е во оптимална состојба за ефикасна обработка на говорот и јазикот, поткрепувајќи ги неочекуваните способности на новороденчето во учењето јазик“, пишуваат истражувачите.

Фото: Pexels/Pavel Danilyuk

Додека претходните истражувања покажаа дека, најверојатно, слушаме додека сме во утробата, новото изтражување го зема предвид и начинот на кој бебињата претпочитаат да ги слушаат гласовите, особено мајчините. Оваа студија била осмислена подетално да ја разгледа нервната активност што се јавува кај новороденчињата.

Секако, бебињата се совршено способни да учат јазик кој се разликува од јазикот на нивното раѓање – тоа не значи дека ние сме врзани за јазикот што го зборува нашата мајка. Сепак, тоа покажува докази дека учењето започнува пред раѓањето.

Истражувачите сугерираат дека следниот чекор, можеби, е да се погледне како другите видови звук можат да влијаат на мозокот на новороденчињата. Веќе постојат докази дека сме способни да препознаеме музика што претходно сме ја слушнале во утробата.

Истражувањето е објавено во списанието „Саенс адвансес“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот