
Нова кривична пријава за поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство
Поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски доби нова кривична пријава за злоупотреба на службената должност и овластување – осомничен е дека во 2016 година, додека бил на чело на институцијата, со прекршување на Законот за јавни набавки, овозможил две фирми противзаконски да се стекнат со околу 150 000 евра, велат од полицијата.
Препорачано
„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против З.П.(41) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”. Пријавениот, во својство на овластено лице – директор на Агенција за храна и ветеринарство, во 2016 година ја злоупотребил службената положба и овластувања така што постапил спротивно на Законот за јавни набавки со што го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 4.386.033 денари“, се вели во соопштението од МВР.
Притоа, тој овозможил противправна имотна корист во износ од 7.534.497 денари на фирма од Радовиш и противправна имотна корист во износ од 1.517.033 денари во корист на фирма од Скопје, додаваат од полицијата.
Против Поповски во изминатите неколку години беа поднесени повеќе кривични пријави за злоупотреби во работењето на АХВ, а имаше и пресуди со кои беше задолжен да плати парични казни.