Нова и модерна болница три години стои заклучена и празна, нема кабел за да се приклучи струја
Новиот дел од струмичката болница, кој е изграден и целосно опремен пред повеќе од три години, и натаму стои заклучен и празен, а причината е банална – нема соодветен кабел за да се приклучи струја и да се направи технички прием на објектот.
Препорачано
„Радио Слободна Европа“ објави видеоприлог во кој се вели дека една од најмодерните и најопремени државни болници во земјава, на четири ката и со повеќе од 6.000 квадратни метри, и натаму стои неискористена додека здравствените власти, ЕВН и изведувачот на градежните работи си ја префрлаат вината.
„Последната информација што ја знам е дека имаше еден проблем со трафостаницата, којшто е саниран од страна на ЕВН, и вториот проблем е кабел, кој во проектниот план бил зацртан од еден тип, бакарен кабел, меѓутоа изведувачот не постапил по проектната задача, па имало друг набавен кабел“, вели д-р Гоце Христов, директорот на струмичката општа болница.
Од изведувачот, фирмата „Едилха“, велат дека кабелот може да се постави за две недели, но потребно е да има две трафостаници – една за стариот, а една за новиот дел од болницата. Сега имало само една за двата објекта.
„За време короната имаше криза за кабел и ние не можевме да го набавиме бакарниот кабел. Набавивме алуминиумски за да се направи технички прием, испитување, и после ние имаме потпишано меница, договор дека отпосле ќе се постави бакарниот кабел. Тендерот, трафостаницата, беа задоцнети две години. Ние бевме на увид, трафостаницата во Струмица се полни со вода,“ вели Ѓорѓи Мицевски, управителот на фирмата-изведувач.
https://www.slobodnaevropa.mk/a/poradi-kabel-nova-i-opremena-bolnica-vo-strumica-chetiri-godini-zjae-prazna-/33190518.html
Новиот крак на струмичката болница, инаку, се гради уште од 80-тите години на минатиот век, а изградбата почнала со самопридонес на струмичани. По повеќе од 30 години изградба во стилот „тргни-застани“, конечно е завршена во април 2021 година, но оттогаш стои заклучена.
Раководството на општата болница се надева дека новиот дел би можел да проработи следната година.