
Ниту топлотниот бран не го натера Шаќири да ја прекине наставата за основците
Поради најавите за топлотен бран, Владата на барање на Министерството за здравство одржа вонредна седница и донесе препораки за заштита од топлото време, но се чини дека оваа одлука не се однесува за основците, кои мораат да посетуваат настава до 17 јуни. Родителите на основците бараат наставата да заврши пред 17 јуни или да има скратени часови, поради високите дневни температури кои достигнуваат и до 40 степени. Според нив, училиштата немаат услови на вакви температури нормално да ја спроведат наставата. Од Министерството за образование и наука сè уште немаат одговорено на барањата на родителите.
Препорачано
Владата препорачува во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред сè климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа.
„Слободен печат“ испрати прашања до МОН во врска со барањата на родителите, но оттаму не добивме одговор дали е донесена некаква одлука.
Незири: Министерот ќе одлучи дали ќе има кратење на наставата поради топлото време
Советникот во Министерството за образование и наука, Сафет Незири на прашањето дали МОН ќе одговори позитивно на иницијативата на родителите кои поради топлото време бараат учебната година за основците да заврши порано од 17 јуни или децата да имаат скратени часови во наредните неколку дена, одговори дека тоа е одлука на министерот.
Според првиот човек на Детската амбасада „Меѓаши“ Драги Змијанац, доколку нема согласност од МОН, а родителите инсистираат, тогаш треба компромисно решение во кое приоритет ќе биде најдобриот интерес на децата – тие да не губат часови, но и да го совладаат материјалот.
Според Змијанац, одлуката е главно кај менаџментот на училиштата кој, како што рече, треба да изнајде креативни решенија за одвивање на наставата и дека таа може да се одвива и на отворено.
– Има креативни начини како тоа да се направи, може на отворено. И за време на пандемијата предлагавме да не се затвораат училиштата, да бидат отворени училишните дворови, кои се големи, со тенди итн. и може многу поедноставно да се изучува материјалот – рече Змијанац одговарајќи на новинарско прашање.
Летниот распуст за средношколците ќе почне на 10 јуни, а за основците на 17 јуни
Поради воведување на пролетен распуст, учебната година се продолжи до 17 јуни, но по барањето на Сојузот на средношколци, учебната 2023/2024 година за средношколците заврши на 10 јуни. За основците остана одредбата да учат до 17 јуни.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири тогаш изјави дека во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во училиштата, додека средните училишта ја немаат законската обврска за точен број работни денови.
– Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни, тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме – рече Шаќири.