
Николоски: Заев и Шекеринска имаа мастер план во три чекори, целта беше ВМРО-ДПМНЕ да исчезне од политичката сцена
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, обвини дека Агенцијата за национална безбедност била злоупотребувана за лажни извештаи со кои тој и раководството на ВМРО-ДПМНЕ биле прикажувани како личности кои се под странски влијанија и се антизападни.
Мастер план во три чекори е крериран од поранешното раководство на СДСМ преку злоупотреба на безбедносните служби, сѐ со цел да се забрани политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш”.
Препорачано
— Јас прв ги презентирав тие детали во 2019 година во еден ТВ дуел со Радмила Шекеринска, каде што јавно кажав дека имаме сериозни индиции за злоупотреба на безбедносните служби — Николоски.
Целта на тој мастер план, вели Николоски, беше да се забрани политичко дејствување на ВМРО-ДПМНЕ.
— Имаше три чекори. Првиот беше да се притворат што повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се случи промена на името, и тоа се случи. Вториот беше партијата да се стави на обвинителна клупа за терористичко дејствување и за нелегално финансирање и делумно успеаја во тој дел за нелегално финансирање. Ја ставија на обвинителна клупа и сè уште партијата е на обвинителна клупа, сè уште имаме замрзнат имот. Третиот дел беше, доколку успеат да ја осудат ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, да се забрани политичко дејствување и воопшто да не може да учествуваме на избори — рече тој.
Овој мастер план одеше дотаму да му се забрани и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Николоски, да се занимава со политичко дејствување.
— И ова беше смислено од тогашното раководство на СДС на чело со Зоран Заев и Радмила Шеќеринска, а не може да се амнестира ниту Димитар Ковачевски. Агенцијата за безбедност дотолку била злоупотребувана што секојдневно правеле лажни извештаи за раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека сме биле антизападни и анти-НАТО — додаде потпретседателот на владејачката партија.
Од тој план беше злоупотребена Агенцијата за национална безбедност, во контекст ние да бидеме оцрнети пред стратешките партнери, посочи Николоски, пред сѐ по членството во НАТО.
— Целта беше никој од нас да не може да добие безбедносен сертификат. Не им успеа тоа, но се штанцале на дневна основа извештаи дека сме биле под вакво влијание или под такво влијание. Еве, првпат ќе кажам за мене дека сум бил под иранско-турско-унгарско влијание. На врвот на тие лажни извештаи според мои сознанија биле на удар и претседателот Мицкоски, Драган Ковачки, Антонио Милошоски, Владо Мисајлоски. За мене составувале белешки дека сум бил антизападен и анти-НАТО во услови кога бев потпретседател на Парламентарното Собрание на Совет на Европа, во услови кога бев шеф на мониторинг мисија што ги создаваше Советот на Европа и во услови кога Пријатели на Европа ме избраа во 2022 година во 40 највијателни личности под 40 години во Европа — изјави Николоски.
Оваa битка, вели тој, е праведна бидејќи оваа биткa е на демократско ВМРО-ДПМНЕ и на антидемократските структури кои не сакаат демократија во Македонија. Тоа нема да го дозволиме, дециден е Николоски.
— Ако во 2025 година некој очекува дека ова ќе се заборави, тоа е многу наивно. Двапати ВМРО-ДПМНЕ паѓале од власт од службите и 2002 година како последица на „Големото уво“ и 2016-2017 преку прислушкуваните разговори. Ако истите тие луѓе мислат дека сме наивни и дека ќе ја оставиме работата по трет пат да нѐ симнат од власт на недемократски начин, тогаш сериозно нè потцениле. Еднаш засекогаш ќе расчистиме за да не ни се случи пак — потенцираше потпретседатеот Николоски.
Тој најави бескорпулозна борба за правда, против сите структури кои ги злоупотребувале тајните служби. Ги повика Обвинителството и судовите да не ги штитат структурите од претходната власт и да ја изведат правдата пред целата јавност.