
Никол Кидман се расплака на премиерата на новата серија: Проговори за загубата на нејзината мајка
Актерката Никол Кидман се расплака на премиерата на втората сезона од серијата „Лавица“ во театарот „Линвуд Дан“ во Лос Анџелес, пишува „Холивуд репортерс“.
Препорачано
Оскаровката неодамна ја освои наградата за најдобра актерка на Венецискиот филмски фестивал за нејзиниот филм „Малечка“, во режија на Халина Рејнс, додека нејзината нова серија на Нетфликс „Совршениот пар“ своевремено беше најгледана. Кидман ja најави и серијата „Скарпетa“, базирана на книгата на Патриша Корнвел, во кој ќе глуми заедно со Џејми Ли Кертис и Аријана ДеБоз.
Меѓутоа, и покрај овие значајни професионални успеси, актерката истакна дека не е среќна. На црвениот тепих за време на премиерата на серијата „Лавица“ таа изјави: „Посакувам мајка ми да беше тука. Сè е во ред на деловната страна, но посакувам да беше тука“.

Додека го кажувала ова очите ѝ се наполниле со солзи и признала дека чувствата ѝ биле измешани.
Да потсетиме дека мајката на Никол, Жанел Ен Кидман, ненадејно почина додека актерката беше на фестивалот во Венеција. Поради ова, таа предвреме го напушти фестивалот и не можеше да си ја подигне наградата.
„Во шок сум и морам да одам кај моето семејство, но оваа награда е за неа – таа ме обликуваше, таа ме водеше, таа ме создаде. Исклучително сум благодарна што можам да го изговорам нејзиното име преку Халина. Судирот меѓу животот и уметноста е тежок, а моето срце е скршено. Ве сакам сите“, гласела изјавата на Кидман, која ја прочита режисерката на филмот – Халина Хејн.