Никој нема да одговара за тажната судбина на Амила, обвинителството ја отфрли кривичната пријава против доктор Мухамед Асани

Бајрам Несимовски од Дебар, чија петгодишна ќерка Амила има тешко нарушување од раѓање, доби одговор од Обвинителството во Струга дека неговата кривична пријава против гинекологот Мухамед Асани се одбива.

Несимовски поднесе кривична пријава против гинекологот од струшката болница кој на јавноста ѝ е познат и поради случајот со родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, затоа што смета дека нарушувањето на петгодишната Амила е предизвикано од неправилно породување.

Бебето пред да се роди имало папочна врвка која била двапати обмотана околу вратот, но гинекологот пристапил кон породување на природен начин, а не со царски рез. Токму тоа, според Несимовски е причината поради која Амила не зборува, не ги распознава родителите и братчето и на петгодишна возраст не јаде храна како останатите деца туку пие само млеко.

Таа седи во една позиција без развиена моторика и без да може да се помрдне. Според документите кои Несимовски ги добил од Детската клиника, Амила добила породилна асфиксија, односно останала без воздух при породувањето во 2018 година.

Но, Обвинителството во Струга ја отфрли кривичната пријава. Вишото јавно обвинителство во Битола ја поврди одлуката. Таткото Несимовски е разочаран и смета дека правдата не е задоволена.

-Не постои збор, за да објаснам како се чувствувам. Едноставно се прашувам, до каде отиде човештвото, има оштетени животи на многумина и на различни начини. И никој да не презема никаква одговорност. Најверојатно ќе го терам случајот до Стразбур. Едно ми е јасно како бел ден, знам дека еден лист хартија или неокои закони кои овозможуваат штитење меѓу себе на инволвираните, нема да го вратат здравјето на мојата Амила. Прашувам, зошто никој не ја прегледа мојата ќерка физички, туку сето вештачење беше извршено врз основа на документи и без никаков преглед? Имам многу прашања без одговори. На пример, зошто никој не прегледа каде Амила ја добила бактеријата ацинетобактер? После оваа бактерија законско било автоматско затворање на болницата за дезинфекција, изјави за „Слободен печат“ Несимовски.

Целата кривична пријава се базираше на тоа што папочната врвца била двапати замотана околу вратот на бебето, уште додека било во стомакот на мајката и дека доктор Асани, требало да го изврши породувањето со царски рез, поради таквиот факт кој претходно таткото Бајрам Несимовски му го кажал.

Но вештачењето на судска медицина покажа нешто спротивно на ова – дека и покрај тоа што папочната врвца била замотана околу вратот на Амила, сепак било правилно да се изврши спонтано пораѓање.

Амила не заплакала по раѓањето. Откако била родена во струшката болница и не заплакала веднаш, била реанимирана, ставена на кислородна поддршка и испратена за Скопје, на Детската Клиника. Кога наполнила 3 месеци, од прегледите на лекар се гледало дека не се развива како што треба. Дури и провокациите не го давале очекуваниот ефект. Најчесто го фиксирала погледот кон лево, не покажувала интерес за околината, не следела со поглед и не ги следела предметите. Констатирано е дека покажува состојба после перинатална асфиксија и дека има успорени ментални функции.

Мислењето на Институтот за судска медицина, односно вештачењето на документите на малата Амила кое го направиле вештаците е донесено врз основа на увид во документите. Врз основа на тие документи, целата бременост била водена во приватна гинеколошка ординација каде последниот гинеколошки преглед покажал дека околу вратот на плодот два пати е свртена папочната врвца и притоа е направен и ЦТГ наод кој не покажувал дека плодот (Амила) страдала.

Потоа мајката на Амила отишла да се породи во струшката болница кај гинекологот Мухамед Асани и таму ЦТГ наодот не покажувал дека Амила страда. Откако Амила била родена, 45 минути не заплакала, била без рефлекси и периодично слабо дишела. Затоа по реанимацијата била испратена на Детската Клиника.

Нејзе ѝ се констатирани оштетувања на централниот нервен систем со последици на движењето на рацете и нозете, свиткана глава кон назад, напади на грчење, нарушени ментални достигнувања  за нејзината возраст како и оштетување на слухот на на левото уво.

„Заради тоа што според ЦТГ наодот немало индикации дека плодот страда, од страна на лекарот било одлучено да се изврши породувањето по природен пат, при што при породувањето плодот заглавил во родилните патишта и дошло до негово задушување што резултирало со слаба оценка (АПГАР) заради што била неопходна реанимација. Како последица од тоа кај детето Амила постојат трајни невролошки оштетувања за кои е неопходна терапија и животните функции ѝ се битно нарушени“, пишува во вештачењето од Институтот за судска медицина до кој дојде „Слободен печат“. 

Но потоа во истиот извештај се заклучува:

Докторот кој го водел породувањето (гинекологот Мухамед Асани) иако знаел дека околу вратот на плодот има обвиткана папочна врвца пратејќи ги ЦТГ наодите утврдил дека плодот нема знаци на задушување и затоа го продолжил породувањето по природен пат и не извршил царски рез. Статистичките податоци укажуваат дека во 20 до 30 проценти од бременостите може да има обвиткана папочна врвца околу врат кај плодот при што во многу мал процент, односно 0.7 проценти завршуваат со последици по плодот или со смрт. Исто така, упатството за меидицнско згрижување при царски рез од Министерството за здравство од 2015 година не предвидува дека обвиткана папочна врвца околу вратот на плодот да биде индикација за царски рез.

Судскиот вештак сепак, забележува дека не е наведен часот на последното ЦТГ и заради тоа нема податок каква била состојбата на плодот 1 час и 10 минути пред да биде родена Амила, односно дали постоело или не страдање на плодот во текот на породувањето.

„Според доставената медицинска документација можеме да заклучиме дека лекарот постапил совесно и според протоколите за водење на породување во случаи на обвиткана папочна врвца околу врат без елементи на несовесно лекување. Настанатото задушување на плодот во текот на породувањето е една од ретките можни ризици и компликации кај обвиткана папочна врвца околу врат, пишува во вештачењето од Институтот за судска медицина.

После ова вештачење, обвинителството ја отфрли пријавата со образложение дека не станува збор за кривично дело кое се гони по службена должност. Доктор Мухамед Асани во друг случај, оној на Јалдз Веапоска е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето, но судот во Струга остана без судија кривичар бидејќи претходниот се пензионираше, па рочиште за тој предмет нема закажано.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот