
Невработеноста голема, а бројката на отворени работни позиции расте, каде лежи проблемот?
Бројот на отворени работни места и позиции е доста голема, но се почесто се соочуваме со ситуација во која не можеме да најдееме соодветна квалификација за истите, велат работодавците и агенциите за посредување.
Препорачано
Во угостителските и инжинерските позиции се помалку се инвестира, а се повеќе недостасува медицински персонал, посочуваат познавачите на приликите
„Бројот на отворени работни места е доста голем, се соочуваме со ситуација во која не можеме да најдеме соодветна работна сила особено во висококвалификуваните работни позиции. Но тука би сакал да ги издвојам и угостителските позиции кои исто така за жал во летниот период се доста дефицитарни оти нашите млади луѓе заминуваа во топлите краишта околу Црна Гора, Грција и Хрватска и работаат на море.Но, во секој момент на секој начин ги охрабруваме младите луѓе да инвестираат во својата иднина тука, за да можеме да направиме поубаво општество. Младите заминуваат оттука во текот на пролетта каде кај нашите соседи работаат како угостители. За среќа сезонските работници се враќаат во септември или октомври.Одат не толку за поголема плата отколку за забава и да прошетаат во текот на летниот период“, вели Зорица Бужаровска Бошковска од Кариера.мк.
Голем дел од образовните установи не ги следат потребите на пазарот трудот, тие произведуваат несоодветен кадар, а него повеќе не го бараат фирмите и компаниите.
Ваквиот јаз меѓу овие два сектори, ја кочи македонската економијата која не може да најде работници.
Најголемиот проблем вели академик Абдулменаф Беџети е тоа што законот не бара задолжителна практична настава. Од друга страна во некои сектори имаме доволно кадри, но без да се обрне внимание на квалитетот, особено во јавната администрација.
„Ние работиме на тоа поле да имаат вештини и да бидат подготвени на пазарот на трудот, но проблем е што законот не бара да имаат практична настава студентите, порано тоа беше регулирано со закон, но и тогаш беше само некоја про-форма. Но, сега за среќа и стопанските асоцијации се повеќе и погласно ја подвлекуваат оваа потреба. Велат не можеме да финансираме неподготвено образование кое не профилира кадри со практично искуство. Јавната администрација е преполнета, но таму нема соодветен кадар, универзитетите пак се рангираат во светот во однос на тоа колку студентите наоѓаат за кратко работа“, додава академик Беџети.
И додека работодавачите мака мачат да најдат работници од секаков профил, голем дел од идните академски граѓани иднината ја гледаат надвор, но има и такви кои размислуваат поинаку.
„Мислам дека по завршувањето на факултетот ќе заминам во некоја европска земја, така и некои мои пријатели и роднини направија, па еве се фалат, тука не ја гледам идниниата, вели една студентка од 3 година.
„Па некако работите не одат во позитивен правец, затоа размислувам да заминам надвор, додава друг студент.
„Студирам англиски јазик една моја братучетка замина во Лондон каде предава англиски, ако ми се укаже прилика и јас ќе заминам“, додава друга студентка.
„Сметам дека младите треба да размислат подобро и тука заедно да ја градиме иднинита оти Македонија е преубава,„ додава друг студент.
Дека младите со едната нога се на Запад говори и фактот што тие се помалку ги знаат локалните јазици, а меѓусебно се почесто говорат на англиски.
Академик Абдулменаф Беџети кој воедно е и ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека форсирањето на англискиот јазик доведе до тоа студентите меѓусебно да комуницираат на англиски јазик, а локалните јазици да се запоставуваат.
Академик Беџети: Наместо англискиот треба да ги форсираме локалните јазици, посебно македонскиот