Фото: Јован Јаулески/Фејсбук

Неволјите на пратеникот Јаулески, прво таткото на мета, па братот

Додека синоќа по 21 часот, братот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески бил во домот во Струга со своето семејство, сопругата и 8-месечниот син, некој му го запалил автомобилот паркиран во дворот.

Полицијата попладнево издаде соопштение за настанот:

-На 11.02.2022 во 21.45 часот во ОВР Струга e пријавено дека било опожарено патничко возило „фолксваген пасат”, со струшки регистарски ознаки, сопственост на Н.Ј.(36) од Струга. Повредени лица нема, a пожарот е изгаснат со интервенција на територијалната противпожарна единица од Струга. Увид извршија полициски екипи од ОВР Струга и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.

Пратеникот Јаулески инцидентот го протолкува како обид за заплашување:

-Срамот е ова што се случува. Ако целта е да се испрати порака до моето семејство или до мене поради моето политичко делување, да се исплашиме, тоа нема да се случи, напротив, ќе продолжиме да се бориме уште посилно во она во што веруваме, рече пратеникот Јован Јаулески во изјава за Сител.

Тој апелираше до надлежните што поскоро да се изведат пред лицето на правдата сторителите.

-Ова повеќе не личи на демократија, ова повеќе личи на северноафриканска држава од третиот свет, вели тој.

Пред неколку месеци, поточно на 11. ноември минатата година, денот кога во Собранието опозицијата не успеа да формира кворум за уривање на Владата на Заев, до домот на таткото на пратеникот Јован Јаулески во Скопје влезе и изврши претрес Финаниската полиција, а тој беше осомничен за извршени сомнителни трансакции на парични средства помеѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје.

Пратеникот и овој случај го коментираше како политички притисок врз него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот