
Неверојатни 70 илјади долари: Адел шокираше со цените на влезниците за нејзините последни концерти во Лас Вегас
Британската пејачка Адел (36) најави дека ќе направи подолга пауза на музичката кариера откако ќе ја заврши серијата концерти „Викенди со Адел“ во Лас Вегас. Таа ја започна оваа концертна резиденција во ноември 2022 година, а треба да заврши на 23 ноември годинава.
Препорачано
„Сакам да направам голема пауза по настапите во Лас Вегас бидејќи сакам да се занимавам со други креативни работи во периодот што следи. Јас воопшто не пеам дома. Тоа е чудно, зар не?“, изјави Адел за германската телевизија ЗДФ пред да ги одржи десетте распродадени концерти во Минхен.
Сепак, многумина се изненадени од цените за влезниците за последните концерти на пејачката пред најавената пауза.

Според информациите на веб-страницата „Сит гик“, доколку сакате да купите карти за првите места пред сцената, тогаш треба да издвоите 5.000 долари, а влезниците за поодалечените седишта чинат меѓу 3.500 и 4.800 долари. Некои препродавачи нудат влезници по исклучително високи цени и ги препродаваат по цена од 13.000 долари до 70.000 долари.
Обожавателите на Адел го изразија незадоволството на социјалните мрежи.
„Ако направам споредба, може да се каже дека влезниците за концертите беа бесплатни во споредба со овие цени“, „Адел, ако дозволиш вакво нешто – тогаш губам секаква почит кон тебе“, „Ова е причината поради која многу Американци дојдоа на концерт на Адел во Германија, а не во САД“, се дел од коментарите.

Се чини дека Адел се обидува да направи финансиска заштеда пред да започне нова кариера во светот на актерството.
„Во последнава година, Адел посетува интензивни часови по глума кај врвен холивудски тренер. Кога ќе се посвети на нешто, таа се дава стопроцентно. Еден холивудски извор, кој е на висока позиција, ја советуваше да поработи на својот акцент бидејќи тоа може да ја ограничи во добивањето улоги“, изјави извор за „Дејли мејл“.
Иако многумина ги коментираат цените на влезниците во Лас Вегас, на почетокот на септември се појави вест дека Адел одбила потенцијална исплата од 200 милиони долари, што ѝ е најголемиот хонорар во кариерата.
Адел ги разочара фановите: „Нема да се видиме уште долго, но јас ќе ве носам во срцето“