Неуспешни обиди за итни седници: Нема ни суспензија на ДУП во Ѓорче, ни поништување на дозволата за градба за зградата во Карпош

карпош зграда/фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Две вонредни седници беа закажани, но не се одржаа, откако мнозинството советници во Советот на Општина Карпош и на Општина Ѓорче Петров гласаа против оправданоста за свикување на ваква седница. И со двете, иницијаторите имаа намера да оневозможат изградба на висококатници.

Вонредно заседавање на Советот во Карпош побараа двете независни советнички, со цел да се задолжи градоначалникот и стручните служби да го поништат одобрението за градба на 17-катницата кај „Макпетрол“. Како што веќе е познато, градоначалникот Стевчо Јакимовски, десетина дена откако е поништено конзерваторското мислење, кое е задолжително за да се добие одобрение за градба во заштитено подрачје, не дава никаква информација зошто изградбата уште не е запрена.

Но, советничките од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ ја добија поддршка само од советниците од Левица, но не и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои гласаа против итноста за одржување вонредна седница за времено запирање на градежните активности на висококатницата. Една од причините за ова било што поништеното мислење сѐ уште не е правосилно, а Општината ќе поднесе и жалба во законски определениот рок.

Општината спрема жалба – значи се чека последен момент да ја поднесат и велат додека трае рокот на жалба поништеното решение не е правосилно. Прашавме зошто тоа не важеше во случајот кога ние поднесовме жалба? Процесот за добивање градежна дозвола се одвиваше тајно и забрзано и покрај најавите за нелегално издадено мислење и покрај случувањата со притвор на потписникот на тоа „позитивно“ мислење – соопштија од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

Меѓутоа, советниците и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека главната причина поради која не ја поддржале оправданоста за одржување вонредна седница околу ова прашање е тоа што Советот нема ингеренции да донесе одлука за запирање градежни работи, односно одлука за поништување на дозвола за градба. Таква одлука според нив може да донесе само градоначалникот.

И така, додека се чека одлуката на Јакимовски течат градежните работи на 17-катницата.

Совет на Општина Ѓорче Петров

Вонредна седница беше закажана, но исто така не се одржа откако советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Општина Ѓорче Петров гласаа против оправданоста за одржување на итна седница, како што бараа советниците од СДСМ и Левица. На дневен ред на седницата требаше како единствена точка на дневен ред да се најде предлогот за суспендирање на делови од ДУП С3 16, кој беше донесен на 17 февруари на вонредна седница и предвидува изградба на повеќе од 30 згради, највисоката со 21 кат, но и капацитети од лесна инустрија и трговски центри.

Сега советниците од СДСМ, кои беа воздржани кога се носеше овој ДУП, бараа на вонредна седница да се стави суспензија, односно да се стопира издавање на одобренија за предвидените објекти. Според нив, на тој простор треба да има училиште, градинка, зеленило и згради не повисоки од 9 ката. Но нивната намера за суспензија остана науспешна затоа што советниците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против потребата од одржување на ваква седница што предизвика жестоки расправии помеѓу советничките групи, па и кавги и надвикувања и со некои од заинтересираните граѓани кои присуствуваа во салата.

ДУП-от на Ѓорче Петров бил донесен надвор од сите процедури, Арсовска се закани со кривични пријави

Инаку, ДУПот кој го опфаќа просторот спроти пазарот во Ѓорче Петров предизвика големи реакции во јавноста. Градоначалничката Данела Арсовска се закани со кривични пријави против градоначалникот на Општината Александар Стојкоски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Советот Ленче Нелоска и Весна Андриевска, вработена во Министерството за транспорт и врски, а како што најави од Уставниот суд ќе побара со времена мерка да ја запре примената на ДУП, затоа што планот не ги добил сите согласности, меѓу нив ни од Град Скопје.

Советот на Општина Карпош пак, на предлог на градоначалникот Јакимовски одржа и вонредна седница за ДУП-от на Ѓорче. Јакимовски доби поддршка од 15 советници за тој и стручните служби на Општината да поведат постапка пред Уставен Суд, за оспорување на ДУП СЗ 16 кој неодамна го донесе Општина Ѓорче Петров.

Образложението беше дека поради тоа што се планира изградба на три хемиски фабрики, отпадните води од нив ќе завршат на територија на општина Карпош, што претставува закана по здравјето на населението кое живее во тој реон, додека пак евентуалната изградба на триесетина згради во близина на населбата Влае, дополнитело ќе ги загрози интересите на карпошани и сериозно ќе го доведе во прашање квалитетот на нивниот живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот