
Нема веќе кинеска „евтинија“, Европа воведува царини за стоката од Кина
Со цел да се запре увозот на евтини стоки од Кина, кои според стандардите не се вклопуваат во пазарот на ЕУ, Брисел најави воведување царини за евтини стоки што се купуваат во познати онлајн-продавници, меѓу кои „Тему“ и „ Шејн“.
Препорачано
Како што пишува „Фајненшл тајмс“, а пренесува Политика, Европската комисија планира до крајот на јули да предложи укинување на сегашниот праг од 150 евра под кој производите може да се купуваат без царина, а ќе бидат насочени кон трите најголеми онлајн-продавници „Тему“, „Шејн“ и „Aлиекспрес“. Европската комисија тврди дека минатата година во ЕУ биле увезени 2,3 милијарди артикли под бесцаринскиот праг од 150 евра. Увозот преку е-трговија е повеќе од двојно зголемен и во април, како што се вели, надминал 350.000 артикли, што е речиси две испораки по домаќинство.
Кина има корист од субвенционираните трошоци за поштарина, што значи дека за нив е профитабилно да испраќаат евтини стоки по воздушен пат. Инаку, како што засега неофицијално се вели, овие одредби треба да важат за сите онлајн-трговци кои се надвор од Европа и директно доставуваат роба до клиентите во ЕУ.
Се споменува уште една мерка, а тоа е дека регистрацијата на големите платформи за онлајн- плаќање на ДДВ ќе биде задолжителна, без разлика на нивната вредност. Да потсетиме, кинескиот продавач „Тему“ веќе имаше проблеми на европскиот пазар. Неодамна, Европската организација за заштита на потрошувачите БЕУЦ, поднесе жалба против оваа компанија за незаконски практики и манипулации со потрошувачите. Онлајн-трговецот на мало, кој има повеќе од 75 милиони месечни корисници во ЕУ, како што се вели, често не им дава клучни информации на потрошувачите за производите и тие не знаат дали артиклот е безбеден.
Целиот концепт и деловна политика на страницата е полн со манипулативни техники кои ги принудуваат потрошувачите да трошат повеќе отколку што планирале. Накратко, „Тему“ го прекршува новиот закон на ЕУ за онлајн-содржини и Законот за дигитални услуги, поради што ќе биде предмет на контрола, извести Европската комисија.