Фото: Драган Митревски/ Слободен печат

Нема премиер Албанец ама има клучни ресори за ДУИ

Се очекува Талат Џафери за утре да го закаже продолжението на конститутивната седница на Собранието, со што ќе биде отворен патот наскоро да биде избрана новата влада поддржана од вкупно 62 пратеника на коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА.

Партиските органи на СДСМ и ДУИ синоќа се очекуваше да го потврдат договорот помеѓу лидерите Зоран Заев и ДУИ за формирање на новото парламентарно мнозинство и поделбата на министерствата, а утре се очекува Талат Џафери да го закаже продолжението на конститутивната седница на Собранието, со што ќе биде отворен патот наскоро да биде избрана новата влада поддржана од вкупно 62 пратеника на коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА. Според договорот, Зоран Заев ќе биде премиер четири години и ќе се повлече на 100 дена пред изборите, кога ќе го замени кадар од ДУИ, а спикер на Собранието повторно ќе биде Џафери.

Опозицијата вчера негативно го дочека договорот за идната Влада, но партиите не најавија бојкот на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ власта ја нарече крими-коалиција, а за Алијансата на Албанците и Алтернатива идната влада ќе нема легитимитет.

Кој ќе министерува?

Денеска ќе бидат и официјално познати имињата на министрите за кои медиумите деновиве интензивно пишуваа, но од партиите немаше потврда.

Заев: Потврден составот на новата Влада која ќе има 19 министри и премиер

Според договорената поделба на ресорите коалицијата на СДСМ „Можеме“ ќе има двајца вицепремиери – за економски прашања и за европски прашања и ќе раководи со министерствата за правда, внатрешни работи, транспорт и врски, образование, труд и социјална политика, здравство, култура, одбрана, земјоделство и локална самоуправа. ДУИ ќе го задржи вицепремиерското место за политички систем и ќе раководи со клучните економски министерства за финансии и за економија, како и со министерствата за надворешни работи, за информатичко општество и администрација и за животна средина.
За распределбата на местата се споменуваа разни комбинации од стари и нови имиња. За местото прв вицепремиер и министер за политички систем од ДУИ се споменуваат или Артан Груби или Насер Зибери. Ова функција е значајна не само затоа што идниот премиер Заев најави дека законите ќе се поднесуваат заеднички со претходна координација и усогласување, туку и затоа што министерот за политички систем е можниот премиер Албанец на 100 дена пред следните парламентарни избори во 2024 година. МНР ќе го предводи Бујар Османи, министер за финансии ќе биде Фатмир Бесими, а за економија Крешник Бектеши. Министерството за екологија ќе го води сегашниот министер Насер Нуредини, а министерството за информатичкото општество и администрација Ширет Елези.

СДСМ на коалицискиот партнер Беса ќе го отстапи ресорот земјоделие, со кој ќе раководи Арјанит Хоџа. Се очекува дека на чело на МВР ќе се врати Оливер Спасовски, во Труд и социјална политика ќе се врати Мила Царовска, а со министерството за здравство ќе продолжи да раководи Венко Филипче. Радмила Шекеринска најверојатно ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, но се споменува и како министерска за образование. Никола Димитров е во игра за министерското место во Правда, а генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски е можно да биде министер за одбрана. Како вицепремиер за економски прашања е можно да го видиме Фатмир Битиќи, кој е претседател на економската комисија на СДСМ, а актуелниот министер за информатичко општество Дамјан Манчевски ќе биде потпреседател на Собранието и нов генсек на СДСМ ако Николовски замине во Одбрана. Манчевски е во комбинација и за нов министер за транспорт и врски, исто како и директорот на претпријатието за државни патишта Зоран Китанов.
Во новата влада ќе нема министри без ресор.

Опозицијата гледа влада со краток век

Како што завчера објасни Заев, принципите на кои се темели новиот коалициски договор за влада на СДСМ и ДУИ ќе бидат преточени и во владината програма. Накратко, тие принципи се квалитетни и способни кадри, еднакво општество за сите, раст на економскиот стандард, неселективна и длабинска борба со криминалот и корупцијата на сите нивоа, прочистување на правосудството, проверка на потеклото на парите и капиталот кај секој функционер, намалување на привилегиите на функционерите и заштитата на животната средина. Приоритети се борбата со коронавирусот и спроведување на сите реформи за членство во ЕУ. Заев најави дека ќе се укине Пржинска влада, ќе се промени изборниот модел веќе за следните локални избори, администрацијата ќе се намали за 20 отсто, а сите административции кои седат дома и земаат плата ќе почнат да работат.
Според опозицијата, идната влада нема да донесе ништо добро, но пратениците ќе учествуваат во работата на Собранието. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера договорот на Заев и Ахмети го оцени како договор за продолжување на криминалот, лагите и корупцијата, а СДСМ му возврати дека е време да си ја поднесе ветената оставка.

„Имаме коалиција на криминалот. Ова е коалиција после која истиот СДСМ ќе го видиме пред следните избори како ни вели нема инвестиции, нема пари затоа што тие не го воделе како што треба секторот финансии, ќе имаме нови порази во надворешната политика затоа што тие не го воделе МНР. Дека нивниот коалиционен партнер пет пари не вреди и дека е канцер. Ова беа зборовите на СДСМ со кои го опишуваа ДУИ пред изборите, а сега кога власта е во прашање, се фалат едни со други. Зошто? За власт, пари и личен комодитет. За одбегнување на одговорност, поради страв од правдата. Ова е влада без кредибилитет, овој пат со пократок рок од претходниот мандат“, напиша Мицкоски и додаде дека очекува период без реформи, со поскап живот и ценовни шокови.

Краток век на траење на новата влада и предвидоа и лидерите на Алијанса и на Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши, кои вчера уште еднаш порачаа дека за нив влада формирана со ДУИ нема легитимитет.

– На таа влада заснована на манипулации, лажење, на купување, на заробена држава ќе и фали тој столб легитимитет и ние ќе бидеме тука како коалиција да се бориме против тоа, затоа што оваа влада, со една или две стаклени нозе ќе стои и ние сме убедени дека нема да може да опстои многу долго – рече Гаши и потенцира дека секој ден ќе се борат со демократски средства да ја срушат владата што побргу на легитимен и на легален начин.

Според Села, нивниот опонент ДУИ е без легитимитет затоа што ја злоупотребиле и ја купиле со пари волјата на граѓаните.

– ДУИ може ќе биде дел од власта, но тоа ќе значи дека Албанците уште повеќе ќе бидат заробени и ислашени. За што служи демократијата кога не им даваш слобода на тие кои те имаат гласано? Нема да им биде лесно. Нека им биде јасно, ќе имаат голем противник, да знаат дека спремни сме да им возвратиме со исти мерки како што и тие се однесуваат, а ќе има и резистенција од нашата коалиција заедно со граѓаните, заедно со Албанците – рече вчера Села. Прашан дали во партијата размислуваат за напуштање на Собранието, одговори дека нема таква одлука.

Текстот е објавен во денешното издание на весникот „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот