Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Нема правда за пешакот кој беше прегазен на мостот „Гоце Делчев“, жената која го прегази прво беше осудена, а сега на слобода чека нов судија

Во 2022 година, на пешачки премини на мостот Гоце Делчев, кај Македонскиот народен театар беше прегазен тогаш 76-годишниот Слободан Ангеловски кој загина на лице место. Зад воланот на автомобилот „БМВ Х5“ кој удри во Ангеловски, седеше кумановката Гордана Филиповиќ.

Речиси три години подоцна, Филиповиќ „ужива“ во слободата, иако првично беше осудена на три години затворска казна, но скопска апелација ја укина пресудата и ја врати на повторно судење.

Денес, во судницата во Кривичниот суд, на повтореното судење седна повторно Филиповиќ и нејзината одбрана, но рочиштето беше одложено поради судијката Џенета Бектовиќ која требаше да ја суди повторената постапка во Кривичен суд, замина да биде член на Судски совет, а нејзина замена сè уште нема.

Стојан Ангеловски, син на загинатиот Слободан Ангеловски во изјава за „Слободен печат“ вели дека нема да се откажат од вистината и бараат соодветна казна за Гордана Филиповиќ.

„Мојот татко беше прегазен во 2022 година на мостот Гоце Делчев, откако минувајќи на пешачки премин го прегази Гордана Филиповиќ. Во моментот на минување на пешачкиот премин, му застанале две возила, во десната и средната лента, а Филиповиќ возејќи на левата лента не застанала и го удрила“.

Според зборовите на возачот кој го управувал возилото во средната лента, кој го пропуштил Слободан, Филиповиќ во моментот на прегазување гледала во телефон.

„Како што изјави сведокот, татко ми додека поминувал на пешачки премин, забележал дека возило „БМВ Х5“ не застанува и се обидел да се стрча за да не биде удрен, но при трчањето се сопнал и паднал на асфалтот, по што бил прегазен“, изјави Ангеловски.

Во моментот на несреќата, Гордана Филиповиќ имала забрана за управување на возило.

„Филиповиќ сторила четири прекршоци, а во моментот на несреќата имала забрана за возење. Исто така, додека возела гледала на телефон, не застанала на пешачки премин и возела со брзина над дозволената“, ни изјави Ангеловски.

Ангеловски вели дека вештачењето на семејството и вештачењето кое го побарало судот се идентични.

„Нашето вештачење и вештачењето на судот е идентично, но вештачењето кое го направија по барање на семејството Филиповиќ не се совпаѓа со нашите. Во моментот на несреќата Филиповиќ возела со 63 километри на час додека пак, според нејзиното вештачење Филиповиќ возела со 50 километри на час. Апелација ја укина првичната пресуда, и побара од Кривичниот суд да обезбеди супервештачење“, вели Ангеловски.

Семејството Ангеловски ќе почека за пресуда на Гордана Филиповиќ бидејќи најпрво ќе треба да се најде нов судија кој ќе го земе предметот во свои раце, а потоа треба да се закаже рочиште за прво судење. Судијата по воведните зборови, треба да нареди и супервештачење за целиот случај.

Исто така целиот судски процес ќе се пролонгира, бидејќи предметот нема да биде приоритет на судијата бидејќи не е притворски. Бранител на Гордана Филиповиќ во овој судски процес е адвокатот Љубомир Михајловски-Џанго кој воедно е претседател на Адвокатската комора на Македонија.

Инаку Гордана Филиповиќ е мајка на загинатата Јелена Филиповиќ која во јануари 2020 година исто така загина во сообраќајна несреќа кај Миладиновци, враќајќи се од ноќна забава. По смртта на тогаш 17-годишната Јелена, во Скопје осамнаа билборди со напис „Возев пијан и дрогиран, ја убив Јелена“.

За смртта на Јелена Филиповиќ на седум и пол години казна затвор беше осуден кумановецот Никола Стефановски, кој во моментот на несреќата возел пијан и под дејство на опијати. Стефановски ја призна вината за време на судењето, а како олеснителни околности беа неговите години и поради тоа што очекуваше да стане татко.

Синот на загинатиот Ангеловски, смета дека три години затвор за Гордана Филиповиќ е ниска казна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот