Нема лек за вирусот „препишување“

Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

По случувањата на полагањето државна матура, не треба да нѐ чудат состојбите во образованието како што се слабите резултати на меѓународните тестирања, немање учебници, постојани реформи, незаинтересирани ученици и професори (со чест на исклучоци), како и тоа што УКИМ никогаш го нема на Шангајската листа со најдобри универзитети.

Кој ги пробива испитните прашања за матурата во Македонија?

Прашањето е за милион долари, а во меѓувреме Државниот испитен центар, Министерството за образование и учениците си играат како мачка и глушец и сите креваат рамена избегнувајќи ја одговорноста за нешто што се повторува. Да се во САД, препишувачите би биле веднаш отстранети од образовниот систем, ама во Македонија ќе добијат уште една шанса во август за да го покажат „вистинското знаење“ што го совладале во изминатите четири години.

Во саботата се одржа вториот екстерен испит од државната матура и не помина ништо поразлично и подобро од првиот. Тестовите повторно се споделуваа во вибер-групи, иако, освен пенкало и вода, учениците не смеат да имаат ништо друго додека го решаваат тестот.

Истиот ден, за време на полагањето родител во Кичево вербално ги нападна набљудувачите откако неговото дете било отстрането од испитот поради поседување телефон. И тука лежи и одговорот на прашањето како матурантите се осмелуваат да ги прекршуваат законите уште пред да влезат во светот на возрасните – храброста ја добиваат од родителите.

Препишувањето за време на матурскиот испит не е ништо ново. Тоа е еден вирус што се пренесува од генерација на генерација, а ние сè уште немаме измислено вакцина или лек за да го спречиме. Дали ќе се променат просториите во кои се полага матурата, дали ќе се намали материјалот, едноставно ние сме така програмирани, да го пробиеме системот и „да се снајдеме“, наместо да седнеме и да го сработиме тоа што ни е дадено.

Државниот испитен центар успеал да ги лоцира учениците кои препишувале и тие ќе добијат втора шанса во август. Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ), Билјана Михајловска изјави дека фотографиите не потекнале од нив, туку дека и овој пат тестовите биле фотографирани веднаш кога биле поделени на учениците.

Процедурата околу тестовите од подготовка до моментот додека да стигнат до ученикот е многу строга и е регулирана со закон. Просторот каде што се прават тестовите е осигурен со еден куп заштитни мерки, според Михајловска.

Во тој простор можат да влезат само тие луѓе што ги прават тестовите, а имаат и посебни договори за луѓето што учествуваат во изработката на задачите. Се пакуваат во специјални кесички што не можат да бидат отворени, а се дистрибуираат на денот на полагање.

– Ги носиме, се спроведува тестирањето и ги враќаме назад. Сите тестови се со баркодови. До последен момент, до ден пред објавување на резултатите, не знаеме кој ученик е врзан со кој баркод – вели директорката на ДИЦ.

Во моментот кога ќе се влезе во просторијата, матурантот единствено што може да се употреби е тест, пенкало и вода. Сè друго е недозволено.

Затоа, не треба да нѐ чудат состојбите во образованието како што се слабите резултати на меѓународните тестирања, немање учебници, постојани реформи, незаинтересирани ученици и професори (со чест на исклучоци), како и тоа што УКИМ никогаш го нема на Шангајската листа со најдобри универзитети. Сите овие забелешки ги добиваме и од Европската Унија во Извештајот на Европската комисија, која посочува дека имаме ограничен напредок во делот на образованието, како и дека земјата е „делумно подготвена“ во оваа област.

Овие состојби се лице и наличје на нашето општество кое со години одбива да преземе нешто и да го промени системот. Наместо тоа, ние сме први да го надмудриме и да ги прекршиме правилата.

И додека ние се надмудруваме и кршиме правила, идниот премиер Христијан Мицкоски ветуваше. „Ќе направиме сѐ да имаме универзитет на Шангајската листа меѓу првите илјада, како и секое дете да има учебник во претстојната 2024/25 учебна година, иако сакаат да ни остават хаос“, говореше Мицкоски неколку месеци пред изборите.

Желбата е едно, реалноста нешто сосема друго. Не дека досега никој не сакал да имаме универзитет на Шангајската листа, ама за тоа треба нешто повеќе од желба. А до целта сигурно не се стигнува со надмудрувања како оние на средношколците на државната матура или односот на некои од нивните родители. И едните и другите уште треба да учат за да ја достигнат зрелоста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот