Тротинети за изнајмување / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема казна за пешаци и велосипедисти со слушалка на едно уво?

Од денеска стапува на сила законот со кој пешаците што преминуваат коловоз, велосипедска патека или велосипедска лента се задолжени да поминуваат без притоа да користат електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид електронски уред со кој би им се намалило вниманието. За прекршување на одредбата, предвидена е глоба од 40 евра.

Измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата објавени во Службен весник предвидуваат и дека возачот на електричен тротинет за време на управувањето со возилото не смее да користи електронски уреди, како што се слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг вид на електронски уред со кој би му се намалила стабилноста и можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, освен специјализираните уреди за комуникација кои се вградени во заштитните шлемови.

Експертите велат дека законските измени во врска со слушалките на ушите, оставаат простор за толкување во поглед на тоа дека не е казниво ако се носи само една. Дел од адвокатите што ги консултиравме велат дека на суд би го бранеле фактот дека користење на една слушалка не е казниво.

-Одредбата треба да се гледа во целина и во детал. Деталот е „во двете уши“ а целината „со која би му се намалила вниманието“ на пешакот. Поентата на законодавецот е учесниците во сообраќајот да се движат со внимание, а се смета дека вниманието е целосно намалено ако има слушалки во двете уши. Јас сметам дека тоа „во двете уши“ не е случајно, или пропуст или некаква двонасочност, туку е намерно ставено зашто мора да се има осет за околината, изјави за „Слободен печат“ адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.

Пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска за „Слободен печат“ вели дека иако намерата на измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е да се дигитализираат повеќе процеси и постапки што би требало да биде олеснување за граѓаните, сепак, според неа законот содржи и бројни недоречености кои отвараат можност за негово неправилно применување.

-Но, она што ме загрижува е недостатокот од транспарентност и особено дискутабилната правна сигурност и заштитата на граѓаните. На пример, рокот за чување на снимките, кои се видео-докази е 30 дена, но нема утвредно процедура за нивно чување доколку е покрената постапка, што подоцна во текот на постапката може да доведе до дискутабилност за веродостојноста и квалитетот на снимката. Роковите за чување не се во согласност со роковите за судска постапка. Останува дискутабилно што со граѓаните кои немаат електронска пошта или смарт телефон, како тие ќе го остварат своето право на заштита. За жал, заради немање слух за критика и затвореност на процесот, неподготвеност да се прифатат забелешки, власта своеглаво носи закони кои се недоречени и ќе им создаваат главоболка на граѓаните, вели Петровска.

Нејзината забелешка се однесува на делот од законските измени со кои полицијата е овластена да постави технички средства и уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, односно употреба на видеонадзор и системи кои користат напредна технологија, со цел документирање на сообраќајните прекршоци, начинот на сторување, откривање на сторителите и следење на безбедноста и протокот на сообраќајот, во согласност со надлежноста утврдена со закон.

Под снимање, во смисла на овој закон, се подразбира постојан видеонадзор над јавните места кое може да се врши со технички средства и со посебни возила на Министерството за внатрешни работи, опремени со посебни уреди за таа намена.

Во случаи на сторен сообраќаен прекршок констатиран со техничките средства и уреди за снимање се изготвува записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, кој го потпишува полицискиот службеник, а снимениот материјал се чува во полицијата 30 дена од денот на неговото создавање, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.

Со новите мерки властите очекуваат зголемена безбедност во сообраќајот и намалување на ризикот од несреќи предизвикани од невнимание.

Од иницијативата „На Точак“ појаснуваат дека предлог-законот не предвидува казни за граѓани кои користат две слушалки или мобилен уред додека се движат по тротоар, пешачки зони или паркови. Казните се однесуваат само на преминување преку коловоз или велосипедски патеки со слушалки во двете уши или со користење електронски уреди.

Организацијата смета дека казните се непропорционални: за возачи изнесуваат 40 евра, за велосипедисти 50 евра, а за пешаци 40 евра – иако тие се најранливи и најмалку виновни во сообраќајни несреќи. Според „На точак“, праведна казна за пешаците би била 20 евра, а за велосипедистите помала од сегашната.

Со законот и понатаму половина промил алкохол во крвта се смета за возење под дејство на алкохол. Оние возачи кои имаат над 1,5 промил алкохол во крвта се соочуваат со казна од 375 евра и одземање на возачката дозвола во времетраење од 1 година.

Со измените се воведува нов финансиски стимул според кое 25 проценти од сите наплатени глоби ќе се слеваат директно на буџетска сметка на Министерството за внатрешни работи за модернизација на опремата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот