Некои пратеници се „побезбедни“ да ги контролираат разузнавачите

Во АНБ не може да влезат претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи Зејд, неговиот заменик Блерим Беџети, и пратеничката од Левица, Јованa Мојсоска. Апсурдно е, но точно: АНБ е задолжена да им изврши безбедносни проверки на оние што треба да ја контролираат Агенцијата.

Дел од пратениците од опозициските партии што треба да вршат надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) останаа без безбедносни сертификати „државна тајна“ и без никаков одговор од АНБ дали ги поминале безбедносните проверки, па не можеа да ги придружуваат нивните колеги од Комисијата за надзор на АНБ и на Агенцијата за разузнавање (АР), кои влегоа во контрола на АНБ. По избивањето на аферата за следење политичари, новинари и бизнисмени, која потекна токму од оваа безбедносна агенција, собраниската комисија вчера сепак се состана, со цел да се договорат околу посетата на АНБ.

Ако сегашното раководство на чело со директорот Бојан Христовски утврдило дека претходниците намерно одолжувале безбедносни проверки за пратеник на тогашната опозиција во постапка за добивање безбедносен сертификат, сега тој пратеник, Драган Ковачки од владејачка ВМРО-ДПМНЕ има сертификат, но сега во АНБ не може да влезат претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи Зејд, неговиот заменик Блерим Беџети, двајцата од опозицискиот блок предводен од ДУИ, но и пратеничката од Левица, Јованa Мојсоска.

Слободен печат/ Фото: Слободан Ѓуриќ

Тие се наоѓаат во една апсурдна ситуација, во која АНБ е задолжена да им изврши безбедносни проверки на оние што треба да ја контролираат Агенцијата дали работи законски. Реџепи речиси една година чека одговор, Блерим Беџети не ни побарал сертификат, затоа што во минатото чекал дури една година за одговор дали е безбедносно подобен, но не добил, а Мојсоска обвини за политички реваншизам.

Мојсоска не очекува ништо од овој надзор

Таа вчера, на седницата на надлежната собраниска комисија за надзор на АНБ, единствено не гласаше да се оди во посета на АНБ, затоа што „не очекува ништо од овој надзор, со оглед на тоа што на пратениците од опозицијата им е скратено правото да извршат надзор над безбедносните служби“.

Пратениците конечно се договорија – одат во контрола на АНБ

– И во мандатот на новиот директор на АНБ гледаме злоупотреби. Се повторува практиката, пратеници од опозицијата да не можат да добијат сертификат „државна тајна“. Конкретно, јас пред повеќе од шест месеци имам поднесено барање за безбедносен сертификат. Иако Законот за класифицирани информации предвидува дека треба да добијам одговор во рок од шест месеци, јас немам добиено одговор на моето барање. Не знам дали тоа е поради некој политички реваншизам, затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот на АНБ, па сега јас поради тоа не можам да ја вршам мојата пратеничка функција. Меѓу другото, тука сакам да потенцирам и дека реформата што беше на безбедносните служби, се покажува дека не беше доследно реализирана за да се подигнат демократските капацитети на овие институции – рече Мојсоска.

Слободен печат/ Фото: Слободан Ѓуриќ

За неа е контрадикторно тоа што министерот за добро владеење Арбен Фетаи, иако има двојно државјанство, поседува безбедносен сертификат без никаква проверка, а пратениците што треба да ја контролираат АНБ, немаат. Таа бара Уставниот суд да го разгледа дерогирањето на пратеничкиот легитимитет.

„Слободен печат“ испрати прашања до АНБ зошто пратениците немаа одговор на барањето за безбедносен сертификат. Оттаму ја објаснија процедурата како се добива сертификат, додека од директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации не одговори на нашиот повик.

– Во постапките за издавање на безбедносен сертификат, Агенцијата за национална безбедност е орган кој согласно законски утврдените надлежности врши безбедносна проверка заради утврдување на безбедносни пречки при издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации. Вршењето на безбедносните проверки за безбедносни сертификати се вршат согласно критериумите утврдени во Уредбата за безбедност на лица-корисници на класифицирани информации. Со безбедносната проверка се утврдува постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации, врз основа на која од страна на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се утврдува постоење на безбедносен ризизик и се издава безбедносен сертификат – се вели во одговорот.

Апсурдноста на ситуацијата ја истакна и пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која беше во контрола на АНБ. Таа вели дека со оглед на тоа што АНБ поднесе пријава до Обвинителството за тоа што на пратеник му било одолговлекувано издавањето на сертификат, сега Агенцијата треба да си поднесе кривична пријава сама на себе, затоа што го одолговлекува издавањето на сертификатите на сегашните опозиционери.

Пратениците конечно се договорија – одат во контрола на АНБ

Таа пред просториите на АНБ кажа дека ќе бараат декласификација на документите.

Се бара декласифицикација на документите

– Она што го очекувам од овој надзор е да ни биде дозволен увид во сите документи што ќе ги побараме, кои Агенцијата смета дека треба да ни бидат достапни, но и оние што ќе ги побараме на наше барање. Лично јас веќе имам подготвено околу триесетина прашања што ќе ги упатам, а се разбира се во интерес на расчистување на овој случај. Едно од тие прашања што ќе ги поставам, а за жал, ако состанокот биде класифициран, нема да може да ви го дадам јас одговорот, е што се случило со полиграфистот што се посочува, барем во брифинзите што ги има дел од јавноста, како клучен, односно дека тој ги спровел полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок итн.? Што се случило со шефот на внатрешната контрола, зошто тој бил сменет? Според мои информации, можеби не е вистина, но зошто тој бил сменет непосредно пред да почне оваа внатрешна истрага во агенцијата итн. Тоа се многу прашања кои, како што реков, се во интерес на овој надзор и обелоденување на вистината околу овој таканаречен скандал – истакна Петровска.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, е најважно е при посетата да се утврди кој бил целта на следењето. Пратеникот Љупчо Пренџов кој исто така отиде во контрола на АНБ не сакаше да одговори дали и тие ќе бараат декласификација туку посочи дека најбитно е да има институционален одговор за оваа афера.

По посетата на АНБ, пратениците одат во контрола и на Агенцијата за разузнавање. Седницата на надзорната комисија што требаше да се одржи во петокот, беше одложувана и презакажувана, бидејќи нејзиниот претседател Скендер Реџепи Зејд одби да ја закаже поради тоа што не му беше издаден безбедносен сертификат.

Слободен печат/ Фото: Слободан Ѓуриќ

Барањето за надзор на АНБ дојде на предлог на Пренџов, откако премиерот Христијан Мицкоски и актуелниот директор на АНБ Бојан Христовски минатата недела потврдија дека при внатрешна истрага во Агенцијата, било утврдено незаконско, неетичко и непрофесионално постапување од еден поранешен директор и група вработени во периодот од 2019 до 2024 година.

Известувања со ваквите наводи се доставени до Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кое води предистражна постапка.
АНБ доставила три известувања до Јавното обвинителство – за еден поранешен директор и група вработени во АНБ – поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување.

Известувањата, како што велат од АНБ, се резултат на внатрешна истрага спроведена по смената на власта, во 2024 година, а се однесуваат на постапувања во периодот од 2019 до 2024 година.

Внатрешната истрага дошла до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, на лидерот на опозициска партија и на група новинари и медиуми чија цел, според предметот, била уривање на власта. Цел на друга обработка, меѓу другото, биле јавен обвинител и министер во тогашната влада. Било утврдено и намерно одолговлекување на безбедносни проверки, на пример, за еден пратеник на тогашната опозиција, во постапка за добивање безбедносен сертификат.

Истрагата на АНБ утврдила дека во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси на Агенцијата, а незаконски се спроведувало и следење на комуникациите.

Известувањата до Обвинителството, велат од АНБ, биле испратени пред околу еден месец. Во посочениот период со Агенцијата раководеа Виктор Димовски и Зарко Милошевски. Димовски демантираше дека премиерот Мицкоски бил следен и бил таргет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот