
„Недела на дизајн во Скопје“ е фестивал што се враќа за да остане!
Како поттик да се создаваат иновативни продукт-решенија што ќе бидат функционални, еколошки и пазарно издржани, фестивалот „Недела на дизајн во Скопје“, кој со години го третира индустрискиот дизајн и дизајнот на производ, се враќа на културната сцена и ќе се одржи од 6 до 10 ноември во „Јавна соба“, „Мала станица“ и „Литература.мк“ во Дајмонд мол. Претходно, како најава, ќе се одржат низа активности, работилници и предавања.
Препорачано
Оваа година тема на „Недела на дизајн во Скопје“ е „Чиста мобилност“, а се најавува изложбен дел за компании, викенд „поп-ап маркет“, панел-дискусии, работилници, стручни предавања за дизајн, работилници за деца, како и програма во живо, каде акцентот ќе биде ставен на музиката. Амбициозната цел на фестивалот е да се подигне свеста за функционалноста на дизајнот и создавањето иновативни продукт-решенија, но овојпат со предзнакот еко и циркуларна економија.
Покрај стандардните повици за изложбен дел и „поп-ап маркет“, ќе има и повик целосно насочен кон велосипедизмот во Скопје и сите аспекти на решенија за безбедноста на велосипедистите во сообраќајот.
Оваа година „Недела на дизајн во Скопје“ (Skopje Design Week) е дел од европската мрежа на манифестации „NextGen Design“ во друштво на „Миксер“ од Белград, „What Design Can Do“ од Амстердам, „Barcelona Design Week“ и „Designaustria“.
Сите платформи во фокус ја ставаат зелената агенда и еко-дизајнот на идните дизајнери под европскиот проект „NextGen Design“. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Европската комисија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 238, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.7.2024)