весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Не нè пере ниту ноќната „зомби тарифа“ на струјата

Блок-тарифите се однесуваат само за струјата потрошена во скапата тарифа, што значи дека ноќе, од 22 до 7 часот наутро ќе има една цена и таа цена ќе биде пониска, па кој може да не спие ноќе за да пере, да пегла и готви, нека повели, на располагање е „зомби тарифа“. Како и да заврти машината, поскапата струја е тука, а со неа и инфлацијата.

Додека секојдневно се изненадуваме од новите цени низ маркетите и додека домашните и странски аналитичари во нагорна линија ги преправаат прогнозите за инфлација, а во надолна линија за раст на бруто-домашниот производ, се чини дека допрва доаѓаат лошите вести. Денот „Д“ за стандардот на обичниот граѓанин е 1 јули, кога треба да се објави новиот ценовник за електрична енергија сосе новите блок-тарифи, кои треба да обезбедат тие што трошат повеќе струја да плаќаат и поскапа тарифа од оние што трошат помалку.

Едно е јасно, сите енергетски компании и бараат поскапувања на струјата. Очекувано е дека ќе има нагорно поместување. Во игра ќе се вклучи и тарифирањето, кое би требало да донесе некаква праведност на цените, затоа што струјата што ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи е субвенционирана. Но дали ќе се избере вистинскиот модел? Предлогот што сега е на маса веќе наиде на критики и од искусни експерти од енергетската сфера, а тоа влева страв дека зимата ќе ја дочекаме со исклучени инвертори или со студени „панелки“.

Блок-тарифите се однесуваат само за струјата потрошена во скапата тарифа, што значи дека ноќе, од 22 часот до 7 часот наутро, ќе има една цена, независно кој колку троши, и таа цена ќе биде пониска, па кој може да не спие ноќе за да пере, да пегла и готви, нека повели, на располагање е „зомби тарифа“.

На првата јавна расправа за реформа на тарифниот систем за електрична енергија, организирана од Регулаторната комисија за енергетика (РЕК), беше прецизирано дека првата блок-тарифа ќе се однесува на корисниците што трошат до 210 киловат-часови електрична енергија во високата тарифа, вториот блок ќе биде за потрошувачите што трошат до 420, третиот од 420 до 630 и четвртиот над 630 киловат-часови во висока тарифа. Според предлогот што допрва треба да биде усвоен, потрошената струја во најнискиот блок до 210 киловат-часови во скапа тарифа месечно ќе се плаќа 35 отсто поевтино од сега, а оние со потрошени повеќе од 630 киловатчасови скапа струја, ќе ја плаќаат цената на струјата слична на индустриската, односно на онаа што е на слободниот пазар.

Од Регулаторната комисија за енергетика убедуваат дека за многумина, со новото тарифирање струјата ќе биде поевтина. Но колку држи ова убедување, ако пред извесно време првиот човек на РЕК Марко Бислимоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека „едно четиричлено семејство што се грее на струја со панели во просек троши 1.100 до 1.200 киловат-часови месечно, а со инвертори од 800 до 850 киловат-часови“. Просечно, исто според Бислимоски, 53 отсто од потрошувачката на струја е во скапата, а 47 отсто во евтината тарифа. Тргнувајќи од овие податоци, во просек, тие со „панелки“ зиме трошат од  583 до 646 киловат-часови месечно во скапа тарифа и со тоа влегуваат во четвртата категорија потрошувачи. Добрата вест е што во четвртата категорија ќе влезат само оние киловати над потрошените 630. Имено, тарифирањето е скалесто, па ако некое семејство потроши 646 киловат-часови во скапа тарифа, од нив до 210 ќе плати во првата тарифа, од 211 до 420 во втората, од 421 до 630 во третата и од 631 нагоре во четвртата.

Но, дали може да се смета и еден киловат-час како луксуз, ако е за просечно греење во услови каде немаат граѓаните на што друго да се греат?  Бислимоски убедува дека тие граѓани нема да бидат казнети со скапи тарифи и споменува можност за нивно менување во зимските месеци. Но и искусните енергетски експерти изразуваат скепса околу тарифните блокови. Долната граница за најскапата тарифа е прилично ниска и ни од далеку не личи на она помпезно најавување дека најскапата тарифа ќе се однесува на оние што даваат и по стотици илјади евра месечно затоа што си водат бизнис, па си копаат криптовалути и така користат субвенционирана струја за домаќинства. Или за оние што не знаат што да прават од луксузирање, па загреваат и огромни надворешни базени, дури и кога надвор е ладно, исто така по субвенционирана струја.

Со вакви тарифници, извесно е и дека многу помали фирми што беа во истиот тарифник со домаќинствата ќе плаќаат поскапа струја. И поскапата струја за нив, пак, ќе треба да ја плати народот преку цените. И субвенционираната ќе ја платеа даночните обврзници. Како и да се заврти, поскапата струја е тука, а со неа и инфлацијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот