Фото: Архива

Не наседнувајте на измамнички шеми, пласираните приказни се шокантни, жртвите плаќаат големи суми

На Твитер се појавија сведочења за шемите на измама кои ги користеле разни измамници за да извлечат пари главно од повозрасни македонски граѓани. Минатата недела полицијата уапси двајца бугарски државјани кои со измама се обиделе да изнудат поголеми суми на пари, но и романски државјанин со класична трговска шема.

-Во петокот во 19 часот им се јавиле на моите дека сум во Градска болница, затоа што сум имала сообраќајка и имам скршена вилица и нога со три преломи. Побарале 80.000 евра за три шипки и плочки што треба да ми вградат, инаку ќе мора да ми ја ампутираат ногата, пишува корисничката Scarlet Woman.

Таа понатаму објаснува дека за да биде веродостојна оваа телефонска измама „покрај извесниот доктор којшто им се јавил на фиксен, присутна била и некоја госпоѓа којашто ме глумела мене и вриштела од болка- Мамо, дај ги парите!“

Корисничката од Твитер објаснува дека стравува за својот живот и за животот на нејзините родители бидејќи, според неа беа следена од измамниците кои ги знаат нејзиното име и презиме, адресата, телефонскиот број но и динамиката на движење, зошто повикот дошол откако таа со автомобил излегла од дома, а бројот од кој ѕвонеле на нејзините родители бил од Романија.

-Пријавив во станица и побарав некаков вид на заштита, затоа што не се осеќам ни сигурно, ни безбедно и ми беше кажано да не се секирам, пропратено со-„Вообичаено измамниците не се насилници, сведочи таа.

Друга корисничка од Твитер исто така го раскажува своето искуство со измамници:

-И се јавиле на баба ми наводно од полициска станица дека мајка ми направила сообраќајка, згазила дете на бегалци и да и бараат да донесе 30000 евра за да ја пуштат. Предупредете си ги по дома повозрасните, баба ми не знаеше, и многу се вознемири. Неколку луѓе веќе прелажале, пишува оваа корисничка и додава дека шокот кој го преживеала возрасната жена бил преголем без разлика што приказната која и ја пласирале измамниците не звучела веродостојно.

Таа додава дека измамата ја пријавила во полиција од каде и рекле дека не е единствен случај тој ден.

-Случајот е секако пријавен, полициски службеници уредно земаа изјава. Кажаа дека е втор случај дента во Гази баба. Им кажуваат на луѓето дека се јавуваат од полициска станица Автокоманда и таргетираат постари лица. Имаат лични податоци, го кажале цело име и презиме на мајка ми, пишува таа.

На Твитер слична измама открива уште една корисничка, но „жртвите“ брзо сфатиле па пријавиле во полиција и од таму им рекле дека тоа е 20-ти случај во Маџари.

Кога има пријава, полицијата ќе направи заседа на измамниците

Полицијата работи на расчистување на овие случаи со измами и апелира до граѓаните да не наседнуваат на пласираните приказни.

-Доколку се посомневаат дека некој измамник сака да ги измами, случајот да го пријават во најблиската полициска станица, апелираат од МВР.

Кога случајот ќе биде пријавен во полиција големи се шансите преку организирано дејство полициските службеници на „дело“ да ги фатат измамниците како што беше случајот со двојката од Благоевград која беше уапсена во Центарот на Скопје минатата недела.

-На 65-годишната жена од Скопје на телефон и се јавило непознато лице кое се претставило дека наводно е полициски началник и и кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа, при што згазила дете и ако сака да ја спаси од затвор требало да му даде 20.000 евра. Оштетената му рекла дека има дома само 7500 евра, а другите пари ќе ги даде дополнително. Измамникот и рекол парите што ги има да ги даде веднаш, а останатите наредниот ден, па оштетената околу 16:00 часот на локација во општина Аеродром ги дала парите на, за неа, непознато лице. Денеска, измамникот повторно се јавил околу 7 часот, по што оштетената го пријавила случајот во Полициска станица Аеродром, соопшти МВР.

По добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје на оштетената и дале насоки како да постапи за да може тие да ги фатат измамниците.

Жената на средба во центарот на Скопје, му ги предала парите на измамникот по што тој веднаш бил уапсен, а потоа и неговата партнерка која го чекала во ресторан во непосредна близина, а кај нив се пронајдени пари кои потекнуваат од кривични дела.

Измамникот од Благоевград го признал делото, а признал дека  на сличен начин измамил лице од Кавадарци и лице од Охрид. Јавното обвинителство побара притвор за двајцата бугарски државјани поради можност за бегство од органите на прогонот.

Млад Романец пак измамил жител на Крива Паланка за многу помала сума на пари продавајќи му брендирани производи за домаќинство кои и не биле оригинали за платената цена. Уапсен е откако старецот измамата ја пријавил во полиција, слична на оние од времето кога се продаваа Цептер тенџериња по пониски цени од продажните.

-Вчера баба ми (87г.) ми раскажа приказна од пред некој ден. Излегла да фрла ѓубре, застанал тип со кола и ѝ нудел некаков апарат што демек коштал 3000евра но ќе ѝ го дал за нешто “ситно” злато. Дури рекол дека и златен заб може и се самопоканил внатре да видат што има, пишува една твитерџика за обид за измама на постара жена, слична на онаа што ја скоцкал 23-годишниот Романец крстосувајќи низ источниот дел од земјата.

Судејќи според објавите на граѓаните, телефонските измами се зачестени, а полициските службеници постапуваат по пријавите од граѓаните кои се жртви на вештите измамници.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот