Тоше Проески во Хвар, Хрватска / 1 август 2007 / Фото: STRINGER / AFP / Profimedia

„Не може никој да те замени“: Македонските јавни личности со емотивни објави на 17-годишнината од смртта на Тоше Проески

Денеска се навршуваат 17 години од трагичната смрт на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, на хуманитарецот и човекот со ангелско срце – Тоше Проески.

Тоше секогаш беше и сè уште е ценет и почитуван од колегите од естрадата и неговите верни обожаватели. Денеска многумина од нив му посветија емотивни објави на социјалните мрежи.

Инфлуенсерот Бомбакис – дечкото со картоните, сподели фотографија на која држи картон со напис: „17 години, не може никој да те замени“.

Фото: Принтскрин / Инстаграм

Нашиот познат актер и шоумен Игор Џамбазов и Слободанка Тренчева – Боте на инстаграм-профилите споделија видео од трогателниот говор на Игор на „Златна бубамара“ во 2008 година.

„И после 17 години исто тажно, болно“, напиша Слободанка и го сподели говорот на Игор Џамбазов за Тоше, онаков каков што само тој умее да одржи.

Тажна беседа на Игор Џамбазов за Тоше Проески: „Плачевме многу, плачеме сè уште (има и за кого да плачеме). Сигурен сум дека и ти плачеш во овој момент и сакаш да си барем две минути со нас“

Познатиот музичар Роберт Билбилов објави фотографија од младоста на која е заедно со Тоше и напиша „Убав ден беше тоа, ние како ‘Најмомче на годината’ за списанието ‘Таа’“.

Фото: Принтскрин / Инстаграм

Актерката Весна Петрушевска, која беше блиска пријателка на Тоше сподели видео од последното интервју со пејачот и напиша емотивна порака со која му оддаде почит.

„Зима 2024. Врне снег и одам тивко по уличката која ја знам многу добро. Одам накај тебе дома и почнувам да се тресам. Мислам ќе се појавиш од некаде, па потскокнувам. Ги бројам чекорите кои оставаат траги и се губат од снегот повторно.

На порта излегува мајка ти и почнуваме да плачеме. Ми шепоти: ’17та година врви’. Влегуваме тивко во дневната соба и таму насмеан ме пречекува татко ти. Ми вели: ‘Не ме пушта да си идам. Ете така сум’. Молчиме и се гледаме.

Мајка ти ми подава чаша јогурт со твојот насмеан лик и твојата омилена пита со сирење за Бадник. Едвај подголтнувам. Знаев дека Никола ќе го видам последен пат.

Твојата ‘буба’ е покриена во дворот. Како само таа да ги чува сите спомени, затворена од сите страни.

Се видовме уште еднаш другиот ден да им однесам нешто што само ти сакаше. Долго гледав во празниот двор и сивото небо кое ме гушкаше. Беше студено и ти беше со мене, знам.

Те сакам, твоја Бејби“, напиша Петрушевска.

Инфлуенсерката Миа Костова сподели видео од настап на Тоше Проески и напиша „Јас сум една од оние кои не слушаат негови песни и менувам радио станица ако го слушнам. Едноставно немам сила за неговиот глас и никогаш не се помирив дека замина. Вистински ангел“.

Фото: Принтскрин / Инстаграм

Нашата пејачка Каролина Гочева сподели постара објава со фотографии од младоста од настапите со нејзиниот пријател и колега Тоше Проески.

Фото: Принтскрин / Инстаграм

Тоше имаше прекрасен однос со своите колеги и обожаватели, а тоа може да го потврди секој што имал прилика да го запознае. Сите ќе го паметиме нашиот Тоше Проески по неговата насмевка и ведриот дух.

Нè напушти пред 17 години: Мудрите мисли на Тоше Проески за животот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!