Срѓан Ивановиќ/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Не е до пинџурот, туку до вистинскиот мотив на Бугарија

„Изгорени“ од пуста желба да станеме полноправна членка на ЕУ и очајни од престојот во „чекалницата“ на Европа, посакавме по Преспанскиот договор да се најдеме на „автопатот што води до срцето на Унијата“ и до Брисел да се упатиме со брзина од 120 километри на час. Ама не, „ѝ се прди на Европа за нас“ што би рекол Горан Стефановски, а тој многу повеќе од пинџурот е дел од нашиот идентитет, и ние продолживме со брзина не поголема од пет на час да се придвижуваме кон ЕУ

Не е поентата во пинџурот и полнетите пиперки, иако онаа несреќна изјава на комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, е лајтмотивот на овој коментар. Поентата е одбивањето да се разговара за вистинскиот мотив на политичарите од Бугарија и нивното условување на преговорите со Унијата.

Секој добронамерник од странство, кој по една ноќ преспана во Скопје мисли дека е експерт по нашето кулинарство, треба да знае дека ние не јадеме само пинџур, полнети пиперки и тавче-гравче, туку знаеме со месеци да издржиме со летна манџа, малку сиренце и матеница. И попара јадеме. И таа ли е дел од нашиот идентитет? Варените јајца? А јадеме и пица, пилешки прсти, рижото со печурки, гвакамоле, хумус и авокадо. И не драматизираме околу тоа и не се фалиме наоколу дека, на пример, сармата нè потсетува на славното минато на нашите предци или дека со мелено месо полнетиот модар патлиџан се отсликува „илјадагодишниот сон на Македонецот за слобода“. Не, тоа се глупости. Нашата храна е едноставно вкусна и – толку за тоа! Навикнете се дека во Македонија ќе се прејадете и дека наредниот ден ќе ви биде можеби мака и дека ќе треба да се напиете сода бикарбона. Не, ни содата нема врска со нашиот идентитет.

Немаме ние проблем со храната. Ние имаме проблем со двојните стандарди. Со континуираниот притисок врз нашата држава нешто да промениме, да смениме, да попуштиме. Од нас се бара да ги вметнеме нашите граѓани со бугарска самосвест во Уставот, а кога ќе поставиме прашање зошто Македонците во Бугарија не добијат исти или слични права, тогаш добивате одговор „знаете, бугарскиот Устав е поинаков“. Молам? Па, нека го променат Уставот тогаш! Можеме да се договориме во истиот ден двете собранија да гласаат за промени. Ние Бугарите, а тие Македонците во Уставот и „сичко хубаво“, или што би рекле ние – сè ќе биде в ред. Еве, може и комесарката Кос да посредува во оваа дипломатска мисија, а ние да ѝ ветиме дека по секое патување за Софија виа Скопје, ние ќе ѝ пакуваме за по пат ланч пакет, во кој ќе има и погача и таратур и пинџурче со лукче.

И треба да признаеме дека не е комесарката ни глупава ни злобна, туку едноставно нема што друго да каже. Ние самите влетавме во една невозможна мисија, кога се согласивме со Унијата да преговараме за работи за кои не се преговара. „Изгорени“ од пуста желба да станеме полноправна членка на ЕУ и очајни од престојот во „чекалницата“ на Европа, посакавме по Преспанскиот договор да се најдеме на „автопатот што води до срцето на Унијата“ и до Брисел да се упатиме со брзина од 120 километри на час. Ама не, „ѝ се прди на Европа за нас“ што би рекол Горан Стефановски, а тој многу повеќе од пинџурот е дел од нашиот идентитет, и ние продолживме со брзина не поголема од пет на час да се придвижуваме кон ЕУ. Па откако со Северна се одглавивме од спорот со Грција, влетавме право во историските недоразбирања со Бугарија, на која ѝ пречи речиси сè од тоа што во Македонија се подразбира како историја. И не само историјата, туку и јазикот. Да, и јазикот ѝ пречи на Бугарија, и тоа не некаков специјалитет од телешки јазик, туку македонскиот јазик. Оној јазик што е сличен со другите словенски јазици, ама не е ист.

Би предложил во иднина, ако може, да не бидеме третирани како деца од нашите европски партнери и да не ни велат дека „идентитетот во срце се носи и дека тоа се нашите манастари, погача, пинџур и полнети пиперки“, туку проблемот да го решаваат на вистинската адреса. А вистинската адреса за овој проблем не е Скопје, туку Софија.

Ако ЕУ претставува систем на вредности, тогаш таму нема место за историски и идентитетски спорови. Запрашајте се кој е вистинскиот мотив на Бугарија и што тамошните политичари сакаат да постигнат во спорот со Македонија. До одговорот лесно се доаѓа. Може преку имејл, а може и на маса во кафеана, со пинџурче, сиренце, ракиичка и џигерче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот