Науката открива: Дали мешаните раси или чистокрвните кучиња се поздрави?

Фото: Pexels

Многу луѓе веруваат дека мешаните раси се поздрави од чистокрвните кучиња, но новото истражување објавено во списанието „Фронтиерс ин ветеринари саенс“ открива дека тоа не мора да е точно.

Резултатите од истражувањето, во кое учествувале повеќе од 27 илјади кучиња, покажуваат дека мешаните раси се исто толку склони кон здравствените состојби со кои се среќаваат нивните чистокрвни роднини, пишува „Американ кенел клаб“. Истражувањето го спроведоа научници од Колеџот за ветеринарна медицина и биомедицински науки на Универзитетот А&М во Тексас, кои се дел од истражувачката иницијатива „Дог ејџинг проџект“.

Мешаните раси немаат предност во однос на расните кучиња

Научниците прегледале илјадници дијагнози испратени до нив од сопствениците на кучиња за да ги откријат најчестите причини за посетите на ветеринарот. Тие ги споредија десетте најчести здравствени состојби со кои се среќаваат чистокрвни кучиња и десет со кои се среќаваат мешаните раси и забележаа бројни преклопувања.

„Некои од најчестите причини зошто сопствениците ги носат своите кучиња на ветеринар многу ретко имаат некаква врска со расата на кучето“, велат тие, според „Американ кенел клаб“.

Кога станува збор за долговечноста и здравствените профили, мешаните раси немале медицинска предност во однос на чистокрвните кучиња. Истражувачите заклучиле дека исхраната, начинот на живот и индивидуалното генетско наследство играат најголема улога во здравјето на кучето.

Најчестите здравствени состојби кај кучињата

Најчестите проблеми со кои се среќаваат расните кучиња се забен камен, каснувања од други кучиња, вадење заби, остеоартритис и џардијаза.

Во споредба со мешаните раси, кај чистокрвните кучиња се почести срцеви шумови, катаракта, проблеми со забите и рани од каснувања од други кучиња. Од друга страна, мешаните раси се повеќе склони кон труење со чоколадо, скршени канџи и инфекции на увото.

Некои чистокрвни раси се повеќе склони кон развој на одредени здравствени состојби. На пример, боксерите и доберманите можат да развијат дилатирана кардиомиопатија, додека проблемите со кожата, очите и срцето се широко распространети кај расата кавалерски шпаниел на кралот Чарлс.

Сопствениците треба да размислат пред да добијат ново куче

Бидејќи некои раси имаат предиспозиции за одредени наследни болести, потенцијалните сопственици треба добро да размислат дали сакаат расно куче или мешана раса.

Сепак, научниците нагласуваат дека секое куче може да се повреди или да развие здравствен проблем со текот на годините и дека здравјето е само еден од факторите на кои треба да внимаваме при изборот на куче.

На крајот, најважно е да избереме куче кое одговара на нашиот начин на живот, а за да обезбедиме најдобар можен квалитет на живот, треба да го носиме на редовни контроли на ветеринар, без разлика дали се работи за расно куче или мешана раса.

„Ниту едно куче не е имуно на повреди или болести, но со доследна ветеринарна грижа – има поголеми шанси за долг и среќен живот“, велат експертите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот