Антартик / Фото: Pixabay / SarahNic

Научниците открија непознати предели на Антарктикот: Невидливиот пејзаж под мразот стар 34 милиони години го штити светот од катастрофа

Остатоци од речни долини се откриени под мразот на Антарктикот, а научниците веруваат дека тие би можеле да играат клучна улога во подобро разбирање на идното губење на мразот на овој континент.

Тим истражувачи од Универзитетот во Дарам во Велика Британија анализираше радарски мерења на дебелината на ледената покривка и пронајде големи, досега немапирани рамнински области под мразот на брегот на Источен Антарктик, долг 3.500 километри. Откритието беше објавено во списанието „Nature Geoscience“.

Се верува дека овие рамнини некогаш формирале поврзан ентитет обликуван од големи речни сливови, откако Австралија и Источен Антарктик се одвоиле пред околу 80 милиони години, а пред ледената покривка да го покрие континентот пред околу 34 милиони години.

Денес, овие рамнини се скриени од дебели слоеви мраз и одделени со вдлабнатини низ кои се лизгаат брзи глечери. Спротивно на тоа, мразот над овие рамни површини се движи многу побавно.

Иако губењето на мразот на Антарктикот се забрзува, истражувачите веруваат дека овие рамни површини функционираат како природни бариери што го забавуваат неговото топење – и на тој начин можеби моментално го штитат светот од уште побрзо зголемување на нивото на морето. Доколку целиот Источен Антарктик се стопи, нивото на морето на планетата би се покачило за дури 52 метри.

Додавањето на овие новоидентификувани геолошки структури во моделите што го предвидуваат однесувањето на антарктичкиот леден покрив би можело значително да ја подобри точноста на проекциите за тоа како мразот во овој регион ќе се однесува во услови на климатски промени – и како тоа би можело да влијае на глобалното ниво на морето, според научниците.

Д-р Гај Паксман, главен автор на студијата и член на Кралското друштво на Универзитетот во Дарам, вели дека пејзажот под Источен Антарктик е еден од најмистериозните – не само на Земјата, туку и меѓу сите познати цврсти планети во Сончевиот систем.

„Кога ги прегледавме радарските слики од топографијата под мразот, овие рамни површини почнаа да се појавуваат речиси насекаде. Фасцинантно е што тие преживеале речиси недопрени повеќе од 30 милиони години, што укажува дека мразот не ги уништил, туку – во одредени делови – ги зачувал. Информациите за обликот и составот на овие површини ќе ни помогнат подобро да разбереме како мразот се движи по работ на Источен Антарктик. И ова е клучно за попрецизни предвидувања за идните промени на нивото на морето“, рекол д-р Паксман за порталот „Физ“.

Овие древни рамнини лежат под околу 40 проценти од источниот антарктички брег, во појасот помеѓу Земјата на принцезата Елизабета и Земјата на Џорџ Петти.

Нивното зачувување во текот на десетици милиони години укажува дека овие области биле поштедени од интензивна ерозија во текот на целата историја на мразот на Антарктикот.

Покрај Универзитетот во Дарам, во истражувањето учествуваа и универзитети од Њукасл, Единбург и Ексетер, Британскиот антарктички институт, германскиот институт „Алфред Вегенер“, Кинескиот поларен истражувачки институт и Пекиншкиот технолошки универзитет.

Професорот Нил Рос од Универзитетот во Њукасл, коавтор на студијата, додава: „Долго време сме интригирани од доказите за постоење на „рамни“ предели под антарктичкиот мраз. Оваа студија конечно ги поврзува со пошироката слика: како се формирале, како влијаат врз тековите на мразот денес и како можат да влијаат врз иднината на ледената покривка во потопла клима.“

Научниците ја нагласуваат потребата од повеќе истражувања, особено во врска со тоа како овие рамнини се однесувале за време на потоплите клими во минатото.

Постојат планови за дупчење низ мразот за да се стигне до карпите под него, што би помогнало да се утврди кога овие долини последен пат биле на површината. Податоците би можеле да бидат клучни за предвидување како ледената покривка во овој регион ќе се однесува во затоплувачки свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот