Фото: Flickr

Научна студија открива: Чепкањето нос има изненадувачка поврзаност со Алцхајмеровата болест

Студија објавена во 2022 година пронајде слаба, но веродостојна врска помеѓу чепкањето нос и зголемениот ризик од развој на деменција.

Во случаи кога чепкањето на носот предизвикува оштетување на внатрешното ткиво, критичните видови бактерии имаат појасен пат до мозокот, кој реагира на нивното присуство на начини што личат на знаци на Алцхајмерова болест, пишува „Саенс алерт“.

Тука постојат бројни забелешки, межу кои и тоа што досегашните истражувања се спроведени врз глувци, а не врз луѓе, но наодите дефинитивно вредат за понатамошно истражување – и би можеле да го подобрат нашето разбирање за тоа како започнува Алцхајмеровата болест, што останува мистерија.

Тим истражувачи предводен од научници од Универзитетот Грифит во Австралија спроведоа тестови со бактерија наречена Кламидија пнеумонија (Chlamydia pneumoniae), која може да ги инфицира луѓето и да предизвика пневмонија.

Бактеријата е откриена и во поголемиот дел од човечките мозоци погодени од деменција со доцна појава.

Беше докажано дека кај глувците, бактериите можат да патуваат по олфакторниот нерв (кој ги спојува носната празнина и мозокот). Покрај тоа, кога имало оштетување на назалниот епител (тенкото ткиво по должината на покривот на носната празнина), нервните инфекции се влошувале.

Ова довело до тоа мозокот на глувците да таложи повеќе од амилоид-бета протеинот – протеин кој се ослободува како одговор на инфекции. Плаки (или грутки) од овој протеин се наоѓаат и во значителни концентрации кај луѓе со Алцхајмерова болест.

„Ние сме првите што покажуваат дека Кламидија пнеумонија (Chlamydia pneumoniae) може да оди директно по носот и во мозокот каде што може да предизвика патологии што личат на Алцхајмерова болест“, рече невронаучникот Џејмс Сент Џон од Универзитетот Грифит во Австралија во октомври 2022 година, кога беше објавена студијата.

„Го видовме ова како се случува кај глувчешки модел, а доказите се потенцијално застрашувачки и за луѓето.“

Научниците биле изненадени од брзината со која бактеријата се проширила во централниот нервен систем кај глувците, при што инфекцијата се случила во рок од 24 до 72 часа. Се смета дека бактериите и вирусите го гледаат носот како брз пат до мозокот.

Иако не е сигурно дека ефектите ќе бидат исти кај луѓето, или дури дека амилоид-бета плаките се причина за Алцхајмерова болест, сепак е важно да се следат ветувачките насоки во борбата за разбирање на оваа честа невродегенеративна состојба.

„Треба да ја направиме оваа студија кај луѓе и да потврдиме дали истиот пат функционира на ист начин“, рече Сент Џон.

„Тоа е истражување кое го предложија многу луѓе, но сè уште не е завршено. Она што го знаеме е дека истите овие бактерии се присутни и кај луѓето, но не сме откриле како тие стигнуваат таму.“

Чепкањето по носот не е баш ретка работа. Всушност, можно е дури 9 од 10 луѓе да го прават тоа… а да не зборуваме за многу други видови (некои се малку повешти од другите). Иако придобивките не се јасни, студии како оваа треба да нè натераат да размислиме пред да почнеме со чепкање.

Планирани се идни студии за истите процеси кај луѓето – но дотогаш, Сент Џон и неговите колеги сугерираат дека чепкањето по носот и кубењето влакна од носот „не е добра идеја“ поради потенцијалната штета што ја нанесува на заштитното ткиво на носот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот