
Наставниците добија упатство за тестирање и оценување
Според упатството, наставниците треба да обезбедат поединечни информации за учениците за тоа дали се постигнати поставените очекувани резултати, да ги следат учениците и да им помогнат со дополнителни насоки и совети ако имаат потешкотии при совладувањето на материјалот.
Бирото за развој на образованието изготви упатсво за оценување на учениците при учење на далечина, кое е поставено на сајтот на Министерсвото за образование и наука. Наставниците се обврзани да го следат напредокот на учениците во периодот додека училиштата се затворени заради заканата од коронавирусот, а ако вонредната состојба потрае до крајот на школската година оценувањето за последното тромесечие ќе се изврши онлајн.
Препорачано
Според упатството, наставниците треба да обезбедат поединечни информации за учениците за тоа дали се постигнати поставените очекувани резултати, да ги следат учениците и да им помогнат со дополнителни насоки и совети ако имаат потешкотии при совладувањето на материјалот.
-Формативното оценување бара поголема интеракција помеѓу наставниците и учениците, а при настава од дома интеракцијата се постигнува со електронски мрежи и платформи. Ова значи дека за следење, проверување и вреднување на напредокот на учениците е значајно да постои редовна комуникација. Потребно е наставниците да користат пристапи, форми и методи на работа што ќе овозможат учениците да истражуваат, да поставуваат цели, меѓусебно да комуницираат и да размислуваат во реални животни ситуации. Видовите на следење и вреднување на резултатите со овие методи на работа се: оценување од страна на наставникот, самооценување, оценување од врсници и е-портфолио- се вели меѓудругото во упатството до наставниците.
За формативно оценување се препорачуваат повеќе методи и техники како есејски прашања преку употреба на е-пошта, изработка на проекти, постери и истражувачки задачи преку работа во група, дискусии преку скајп или вибер, мултимедијални презентации, тестови на знаења и контролни вежби.
-За тестирање наставниците можат да користат прашалник и квиз алатка за да создадат тестови за тестирање со прашања и задачи, прашања со повеќе избори, отворени прашања, прашања со надополнувања и кратки одговори. Тестовите можат да ги споделат со разни алатки за споделување на материјали како Google forms, One note, Zoom, Edmondo, ClassDojo и друго. Задачите и прашањата треба да се изготват согласно наставните програми. Тестовите не треба да се обемни, се препорачува да содржат најмногу десетина суштински задачи прашања- се вели во упатството.
Според документот, ако до крајот на учебната година учениците не се вратат во училиштата, завршните оценки ќе бидат засновани на резултатите што ги постигнале во текот на целата година, преку редовната настава и преку редовното учество на онлај-платформите и мрежите. Наставниците треба да ги внесат во електронскиот дневник оценките што ќе го добијат учениците за време на вонредната состојба.