
Наставниците ќе почекаат – неизвесно е дали и кога ќе се потпише колективниот договор
Чист популизам на минатата власт која испотпиша толку колективни договори а обезбеди средства само до август, обвини министерката за образование Весна Јаневска во вечерашната Топ Тема на Телма, откако беше прашана зошто наставниците нема да си ги добијат предвидените покачувања од колективниот договор.
Препорачано
„Ќе речам дека беше смислено направена замка за да покажат дека идната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не е способна да ги исплати платите, а ја оставија државата во ненормален долг. Зошто ги потпишаа кога знаеја дека нема пари, зошто? За да добијат избори? Потпишаа на цела администрација, ве молам, само наставниците ги оставија така“, рече министерката Јаневска.
Министерката Јаневска призна дека новата влада нема избор и ќе мора да ги исплати зголемувањата предвидени од колективниот договор во високото образование на претходната, иако продолжи да образложува за веќе големиот долг на земјата. Колективниот договор во образованието ќе се потпише кога ќе се создадат услови за тоа, порача Јаневска.
„Јас сум професор, јас сакам професорите да имаат високи плати, ама јас сакам и минималната плата да е поголема. Ако стопанството тоа не може да го издржи, сметам дека тоа беше чист политички популизам кој нѐ донесе во уште потешка ситуација. Моите наставници, наставниците на МОН, наставниците на оваа држава нема да ги лажам, кога ќе има услови, а сигурна сум дека до крајот на мандатот ќе има услови, дај боже и порано да има услови, ќе се потпише колективниот договор и тие ќе си добиваат плата по колективен договор“, рече Јаневска.