
Насилникот Беким Незири, кој упадна во контролата на летање е во полициска станица
Полицијата информира дека Беким Незири е во полициска станица.
Препорачано
– Во врска со вчерашниот напад врз вработени во М-НАВ, во полициска станица по налог на ОЈО се врши службен разговор со БН – информираше Министерството за внатрешни работи.
Полицијата синоќа извести јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во М-НАВ и дека други четири лица се бараат.
– Нападот беше пријавен денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на М-НАВ – соопшти синоќа МВР.
Вчера попладне во просториите на Македонската навигација упаднаа неколку непознати лица и заедно со еден од вработените нападнале тројца други вработени во институцијата, според пријавата во МВР. Упадот следеше непосредно откако претседателот на Синдикатот на контролорите на летање одржа прес-конференција на која алармираше за состојбата во македонската навигација со незаконски вработувања на партиски кадри.
Според медиумите во нападот учествувале полицаец од Тетово, и сопруг на вработена во М-НАВ, кој имал условна затворска казна за насилен инцидент со човек што настрадал при пукањето. Упадот го водел претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, Беким Незири, поранешен министер за економија.
Од ДУИ засега нема реакција за овој упад во М-НАВ за што се посочени нивни членови.
Од Обвинителството утрово изјавија дека чекаат пријава од МВР.
– Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста – велат од Јавното обвинителство.