
Намален број на самоубиства во Хрватска, но загрижувачки пораст кај младите луѓе
Хрватска веќе три децении бележи континуиран пад на бројот на самоубиства, но најновите податоци покажуваат дека бројот на самоубиства кај младите е зголемен во последните години. Овие резултати беа соопштени денеска по повод Светскиот ден за превенција од самоубиства, пренесува Индекс.
Препорачано
Според податоците од Регистарот на самоубиства на Хрватскиот институт за јавно здравје во 2024 година се регистрирани 542 самоубиства, што е помалку од претходната година.
Сепак, во возрасната група од 15 до 19 години, бројот на случаи се зголемил од 10 во 2023 година на 15 во 2024 година, додека кај лицата од 20 до 29 години, се зголемил од 30 на 41.
„Вкупниот број на самоубиства се намалува, но фактот дека се зголемува кај помладите возрасни групи е загрижувачки“, предупреди Данијела Штимац Грбиќ, раководител на Службата за ментално здравје.
Таа додаде дека мажите извршуваат самоубиство четири пати почесто од жените, делумно затоа што жените почесто бараат стручна помош, додека кај мажите симптомите на депресија често се маскираат со агресија или други нетипични форми на однесување.
Полициската статистика, исто така, го потврдува трендот на намалување на вкупниот број на самоубиства, но во периодот од 2015 до 2024 година се регистрирани 5.905 смртни случаи и 5.747 обиди за самоубиство, рече Драган Јосиповиќ од Министерството за внатрешни работи.
Тој особено предупреди на фактот дека во последната деценија, 74 деца под 18 години си го одзеле животот, а регистрирани се и 546 обиди за самоубиство од деца.