Награда „Златен венец“ за словачкиот поет Иван Штрпка

Највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата беа врачени на поетското читање „Мостови“

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, како и меѓународното поетско читање „Мостови“ на 24 август на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.

Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Никола Кукунеш.

Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска ѝ ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.

На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација беше ставен на глаголицата.

Фотографија: Струшки вечери на поезијата

На самиот крај на фестивалот на поетесата Гала Матевска за песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на Струшките вечери на поезијата. Одлуката ја донесе тричлена комисија во состав: Стефан Костоски (претседател), Никола Ѓелинчески (член) и Пепи Стамков (член).

„Песната ’Студ‘ на Гала Матевска изобилува со цврсти поетски слики за кревкоста на телото и тежината на душата. Сликите на месечини што висат од прстите, напукнати коски и облаци над планините ја претвораат природата во огледало на внатрешниот свет. Поетесата не се одмерува со планините во метри, туку со денови, генерации и таги. Времето тече и се преклопува, минатото и сегашноста се судруваат, а вистината се открива преку болката и сеќавањето. Во сржта на оваа песна има мешавина од спротивности: тишина што зборува, неподвижност полна со движење, тага испреплетена со убавина. ’Белите океани‘ симболизираат и минато и иднина, а последната слика – студот на друго лице што студи на своето – ја нагласува блискоста и оддалеченоста што постојат истовремено. Лирична и искрена, песната ја носи борбата со сопствената тежина, но и потрагата по светлина и возвишеност“, стои во одлуката на комисијата.

Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана е од Министерството за култура и туризам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот