Сцена од „Орфеј“ на Народен театар „Иван Вазов“

Најдобра претстава на 17. МТФ „Скупи фестивал“ е „Орфеј“ од Бугарија

Со изведбата на претставата „Орфеј“ на Народен театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија, на 10 октомври заврши 17-тото издание на МТФ „Скупи фестивал“, што од 5 до 10 октомври се одржа во Албанскиот театар во Скопје.

Фестивалот имаше натпреварувачки карактер и додели награда за најдобрa претстава на фестивалот, а годинава за наградата одлучи тричленото жири во состав Снежана Конеска Руси, Вјољца Бектеши Хамити и Теја Шугарева.

За најдобра претстава на фестивалот беше прогласена „Орфеј“ во режија на Јернеј Лоренци на Народен театар „Иван Вазов“ од Софија. Во образложението на жирито стои дека наградата е доделена за: грандиозност во пропорциите на композицијата, необична структурална естетска целовитост на формата, тотална хармоничност на текстот, драмска игра, музички партитури, визуелни ефекти. Базирана на античкиот мит за Орфеј, замислен и создаден преку модерни рефлекси и сетила на човештвото, вткаени се сериозни теми за војната, смртта, радоста и љубовта во животот.

Жирито донесе едногласни одлуки и за наградата за најдобар актер. Наградата „Луран Ахмети“ му се додели на актерот Албан Укај за улогата на Стенли во претставата „Трамвајот наречен желба“ на авторот Тенеси Вилијамс во продукција на Сараевски воен театар. Оваа награда се доделува за интерпретативна моќ, прецизност во текстуалните пасажи, како и пластичност и еластичност во неговата интерпретација.

Специјална награда за сценската игра добија актерките Пинар Акузу и Ѓулден Јануз, за нивната изразена актерска индивидуалност во претставата „Под замокот“ во режија на Гурај Динкол од Истанбулскиот театар, која ги исполнува четирите својства на секое уметничко дело: форма, целокупност, леснотија и убавина. Двете актерки успешно ја третираат живата форма на своето тело, па физичкиот театар го издигнуваат на степен на сеопфатен театар.

Со тематско мото „Блесок во театар“ МТФ „Скупи фестивал“ го одржа своето 17-то издание, а тоа се случи во вистинската смисла на зборот – преку приказот на различни сценски форми, истражувања, експериментирања, работилници, адаптации, драматизации, перформанси, спектакли.

МТФ „Скупи фестивал“ и оваа година беше поддржан од Министерството за култура, Бугарскиот културен центар Скопје, Францускиот институт, Македонскиот Телеком, „Премиум Резиденц“, весникот „Коха“ и Албанскиот театар – Скопје.

Директор на фестивалот е Музбајдин Ќамили – Мучи, претседател на Уметничкиот совет е Сенко Велинов, уметнички директор е Осман Ахмети, координатор е Џанер Мусиќ, а Теа Беговска беше одговорна за работилницата на МТФ „Скупи фестивал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот