
Најбезбедни земји во светот за 2025 година: Оваа прекрасна островска држава е на првото место од 2008 година!
Во година обележана со конфликти и глобални тензии, пет земји и понатаму се издвојуваат како најмирни во светот. Според Глобалниот индекс на мирот за 2025 година, иако бројот на меѓудржавни судири е најголем од Втората светска војна, некои држави сепак успеваат да го зачуваат приоритетот на мирот и стабилноста, пишува Би-би-си.
Препорачано
Индексот, кој го објавува Институтот за економија и мир, ја мери состојбата врз основа на 23 индикатори – од ниво на вооруженост и воен буџет, до безбедност, стапка на убиства и ризик од тероризам.
На прво место и оваа година останува Исланд, земја која од 2008 година постојано е лидер според сите параметри: безбедност, конфликти и ниска милитаризација. Веднаш зад него се Ирска и Нов Зеланд, кои бележат голем напредок во безбедноста и ниските стапки на насилство. На четвртото место е Австрија, а на петтото Швајцарија. Првите десет ги заокружуваат Сингапур, Португалија, Данска, Словенија и Финска.
На Исланд, мирот се чувствува и во секојдневието: полицијата не носи оружје, децата мирно спијат во колички оставени пред кафулиња, а заедницата нуди чувство на сигурност и доверба. Родовата еднаквост и силните социјални системи дополнително ја зајакнуваат стабилноста.
Ирска, која некогаш беше симбол на поделби, денес е пример за неутралност и ниска милитаризација. Граѓаните ја нагласуваат топлината на локалната заедница и културата на меѓусебна помош.
Нов Зеланд, како островска земја, природно е заштитен од надворешни закани. Строгите закони за оружје и високото ниво на општа доверба придонесуваат за чувство на слобода и сигурност – вратите често остануваат отклучени, а децата одат сами на училиште.
Австрија и Швајцарија ја одржуваат долгорочната политика на неутралност, што овозможува фокус на социјални политики, здравство и образование. Тоа гради стабилност и чувство на сигурност кај граѓаните.
Сингапур, единствената азиска земја во топ 10, и покрај високиот воен буџет, се издвојува со неверојатно ниски стапки на криминал. Жителите велат дека можат да шетаат среде ноќ без страв, со целосна доверба во системот и институциите.