
Наглите промени на времето го зголемуваат ризикот од смрт: Еве кои се меѓу најзагрозените
Наглите промени на времето го зголемуваат ризикот од смрт кај луѓето со кардиоваскуларни болести, покажа големото истражување чиј автори се експерти од Универзитетот Харвард. Како што пишува на нивната официјална веб-страница, студија објавена кон крајот на 2022 година во списанието „Циркулација“ открила дека еден од секои 100 кардиоваскуларни смртни случаи (предизвикани од исхемична срцева болест, мозочен удар, затајување на срцето или аритмија) е последица на екстремно топли или студени денови. Ваквите температурни екстреми се поврзани со климатските промени, тврдат научниците.
Препорачано
„Намалувањето на стапката на смртност од кардиоваскуларни болести од 1960-тите е голема приказна за успехот на јавното здравство, бидејќи кардиолозите идентификуваа и се позанимаваа со индивидуалните фактори на ризик како што се пушењето, физичката неактивност, дијабетесот тип 2 и високиот крвен притисок“, рекол професорот Барак Алахмад од Американското здружение за срце. „Сегашниот предизвик е животната средина и проучувањето на негативните последици по човечкото здравје што би можеле да ни ги донесат климатските промени.“
Истражувачите анализирале податоци од четири децении (од 1979 до 2019 година) за повеќе од 32 милиони смртни случаи од кардиоваскуларни болести во 567 градови и 27 земји. Тие ги споредиле смртните случаи поврзани со здравјето на срцето во најтоплите и најстудените земји и откриле дека на секои 1.000 смртни случаи од кардиоваскуларни болести, има 2,2 пати повеќе смртни случаи (над тоа што би се очекувало во одреден ден) во екстремно топли денови и 9,1 пати повеќе смртни случаи во екстремно студени денови.
Тие, исто така, откриле дека според видовите на срцеви болести, најмногу смртни случаи имало кај луѓето со затајување на срцето.
Експертите тврдат дека срцевите пациенти се најранливи кога станува збор за нагли временски промени, односно температурни разлики. Кај нив обично доаѓа до забрзано чукање на срцето и зголемен крвен притисок, што може да доведе до зголемен ризик од срцев или мозочен удар.