
Нафтата пак поевтини, цената паѓа накај 60 долари за барел
Цената на нафтата на меѓународните пазари денеска падна кон 61 долар, откако сигналите од водечките производители за зголемена понуда ги засенија знаците за ублажување на трговскиот конфликт меѓу САД и Кина, пренесоа светските медиуми.
Препорачано
На лондонскиот пазар, со барелот сирова нафта попладнето се тргуваше за 85 центи пониско од вчерашната цена на затворање од 61,28 долари. Вчера го затвори со тргувањето во плус 1,07 долари.
На американскиот пазар, денеска со барелот се тргуваше по цена пониска за 93 центи, на 58,31 долари. Вчера пазарот го затвори со плус 1,03 долари.
Оргабизацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки вчера поевтинил за 1,81 долар и чинел 61,88.
Пазарното расположение во четвртокот беше обележано со одложувањето на новата рунда преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма. Претставници на Вашингтон и Техеран требаше да одржат разговори во Рим во сабота, но состанокот беше поместен за друг датум „од логистички причини“, објави Оман, кој ја презеде улогата на посредник.
Американскиот претседател Доналд Трамп истрајува со својата политика на „максимален притисок“ врз Иран, заканувајќи им се на купувачите на иранска нафта со санкции.
„Доколку администрацијата на Трамп построго ги спроведе санкциите врз купувачите на иранска нафта, понудата би можела да се намали за 1,5 милиони барели дневно“, објаснува аналитичарот Ендру Липоу.