
Националниот џез оркестар ќе одржи концерт со Греми-лауреатот и тапанар Џон Рајли и светски познатиот диригент Зиги Фајгл
Двајца музички великани ќе настапат со Националниот џез оркестар на 1 јуни (сабота), во 20 часот, во Македонскиот народен театар. Гостите на концертот се Џон Рајли (тапани) и добро познатиот биг-бенд диригент Зиги Фајгл.
Препорачано
Џон Рајли e светски реномиран и признат изведувач, автор и учител, кој соработува со светските водечки џез-музичари повеќе од 40 години. Четирикратен добитник е на наградата „Греми“, од вкупно 14 номинации. Џон има реализирано стотици снимки и настапи со Мајлс Дејвис, Дизи Гилеспи, Стен Гец, Вуди Херман, Џон Скофилд, Џо Ловано, Боб Минцер, џез-бендот „Карнеги хол“, џез-оркестарот „Вангард“ и многу други.
Тој е автор на книгата „The Art of Bop Drumming“, објавена на пет јазици, како и на „Beyond Bop Drumming“, „The Jazz Drummer’s Workshop“ и „The Master Drummer“.

Џон има завршено дипломски студии по џез-музика на Универзитетот во Северен Тексас (1975) и мастер студии на Музичката школа на Менхетен (1985), каде денес е и професор. Тој, исто така, е професор и на Универзитетот Куцтаун, визитинг професор на Конзерваториумот во Амстердам во Холандија и редовно држи предавања низ целиот свет.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез-сцена.
Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои Биг-бендот во Грац, каде што е и декан и професор на Универзитетот за музика и изведувачки уметности; ХГМ биг-бендот, биг-бендот „Суд“, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Како диригент на биг бенд, Зиги Фајгл игра витална улога во обликувањето на звукот и насоката на ансамблите што ги води, здружувајќи ги талентираните музичари за да создадат динамични и привлечни изведби. Неговата посветеност на уметничката форма и неговиот придонес во традицијата на биг-бендот го зацврстија неговото место како почитувана личност во светот на џез-музиката.

На програмата на концертот во Скопје ќе бидат композиции од оркестарот Тед Џонс/ Мел Луис, оркестарот „Vanguard Jazz“, како и од биг-бендот Бади Рич и оркестарот Стен Кентон, создадени од повеќе различни композитори, меѓу кои: Тeд Џонс, Џим Мекнили, Боб Брукмаер, Бил Холман. Стануца збор за извонредни стандарди и аранжмани кои дополнително ќе ги истакнат способностите на тапанарот Џон Рајли.
Билети за концертот може да се набават на билетарницата на МНТ или online на страницата на МНТ. Студентите и пензионерите може да ги набават своите билети со попуст од 50 проценти на билетарницата на МНТ, по приложување на соодветен документ.