Национализмот во Бугарија не е мртов, Слави Трифонов е новиот Каракачанов

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Во негов стил, Трифонов меѓу приоритетите, сериозно или на шега ја престави и бугарската вселенска програма и кажа дека меѓу бугарските ќе прати и “северномакедонски” астронаут.

И повторените избори во Бугарија го дадоа речиси истиот резултат како и претходните, ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов излегоа изедначени од процесот, со тоа што партијата на Трифонов доби малку поголема подршка од претходните избори. Но за разлика од ГЕРБ, Трифонов има шанси да формира влада во малцински формат, тој веќе предложи листа на министри и очекува подршка за нив во парламентот.

Додека коалицискиот потенцијал на Борисов е истрошен и тенок, Има таков народ може да добие подршка од четвртата политичка сила Демократска Бугарија и уште една коалиција и постои опција така да добие поддршка во парламентот. Се разбира доколку тоа не се случи Бугарите повторно ќе имаат трети парламентари избори на есен, заедно со претседателските.

Во земјава пак сите го чекаа првото официјално изјаснување на Слави Трифонов за македонското прашање и тоа се случи во склоп на неговото преставување на приоритетите на неговата влада. Во негов стил, Трифонов меѓу приоритетите, сериозно или на шега ја престави и бугарската вселенска програма и кажа дека меѓу бугарските ќе прати и “северномакедонски” астронаут.

Се разбира дека покрај шоуменскиот имиџ, Трифонов не е толку игнорантен во однос на македонското прашање и знае дека употребата на терминот “северномакедонски” наместо македонски е навредливо за Македонскиот народ. Со оваа порака Трифонов јасно става до знаење каква ќе биде неговата политика кон Македонија, дискриминаторска, шовинистичка и без почитување. Овој негов став и не е толку изненадувачки бидејќи и во минатото Трифонов имаше националистички и негаторски пораки кон Македонците, но сега настапува од друга позиција и сега неговата политика е многу појасна. Од Трифонов е инаку тешко да се слушнат јасни и чисти ставови за многу прашања, па јавноста мора да се информира од неговите објави на социјалните мрежи бидејќи шоуменот одбра стратегија да не се појавува во јавноста, па тој не е ставен ни на листата на пратеници во собранието.

Наместо тоа, Трифонов само пишува на Фејсбук па така неговата комуникација е прилично еднонасочна. Со објавата за Македонците пак Трифонов претендира да земе и дел од националистичкото гласачко тело во Бугарија кое остана без представник во парламентот после неуспехот на коалицијата предводена од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов да влезе во законодавниот дом.

Кога нема националисти во политиката, Трифонов вели: Јас ќе станам националист и ќе профитирам во ситуацијата. Сепак треба да се земе во предвид дека целиот истурен гнасен национализам на Каракачанов и компанија крунисан со спотовите во кои се порачува дека Македонија е бугарска не им помогна на националистите да влезат во парламентот. Тоа покажува дека бугаските гласачи и не се толку глупави и лесно подводливи како што ги сметал Каракачанов, и тоа исто значи дека со ваква политика и Трифонов гази на тенок мраз. Особено што бугарската политика генерално оди на тенок мраз и во однос на Вашингтон, поради блокадата кон Македонија но и поради пуштањето на “Турскиот тек” кон Србија со што конечно потече рускиот гас.

Но нека си тера по свое Трифонов и нека биде Каракачанов, но наместо да се силат на својот сосед и двајцата повеќе би требало да размислат зошто бугарските граѓани имаа рекордно ниска излезност на овие избори и всушност две третини од бугарите одбиле да гласаат за било која партија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот