Набавени се 4.000 комерцијални вакцини против грип за Скопје, може да се купат за 800 денари

Фото: Профимедиа

Четири илјади комерцијални вакцини против грип набави Центарот за јавно здравје за територијата на Скопје. Вакцините се очекува да пристигнат следната недела, а нивната цена ќе биде 800 денари.

Годинава цената за вакцината е покачена за 200 денари поради тоа што и набавната цена се покачила и таа изнесува 620 денари. Вакцината ќе се спроведува повторно во Центарот за јавно здравје како и секоја година.

Покрај овие вакцини кои граѓаните ќе може да ги купат, Министерството за здравство набави 40.000 бесплатни вакцини против сезонски грип кои ќе бидат наменети за ризичните групи и тоа стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години.

Здравствените власти набавиле вакцини кои се производ на ,,Санофи Пастер” ВАКСИГРИП ТЕТРА и тоа четиритипни вакцини. Имунитетот од овие вакцини трае една година. Како и претходните две сезони, заинтересираните лица ќе можат да ја закажат бесплатната вакцинација преку својот матичен лекар.

Со цел избегнување на дополнително оптеретување на епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје, каде досега се спроведуваше вакцинацијата против сезонски грип, оваа година Министерството за здравство изготвува Акциски план кој ќе вклучи дополнителни вакцинални пунктови. ,,На овој начин вакцинацијата ќе биде подостапна за граѓаните”, велат од Министерството за здравство за ,,Слободен печат”.

Оваа година набавени се 40 отсто поголем број на вакцини против сезонски грип, затоа што ова вирусно заболување се пренесува на сличен начин како коронавирусот, а дел од симптомите навидум се слични на оние што настануваат поради коронавирусот.

Здравствената стратегија е, да се заштити што поголем дел од населението од грип, за болничките капацитети да се ослободат и да бидат во функција на заболените од Ковид 19. И двата вида на вирусот на грип, типот А и типот Б, предизвикуваат акутни инфекции на горните дишни патишта кои можат да преминат во сериозни компликации на долните дишни патишта и тоа најчесто кај стари лица, мали деца и бремени жени.

Болеста се пренесува по воздушен пат, при кивање и кашлање, при контакт со заболен. Периодот на инкубација е од еден до три дена, а болниот е заразен еден ден пред да се појават симптомите и седум дена по појавата на симптомите. Започнува со општи симптоми како што се истоштеност, болки во зглобовите и во мускулите, главоболка, покачена телесна температура и до 40 степени, кашлање и кивање. Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип се луѓето над 65 години. Осум од десет смртни случаи поврзани со грип се во оваа возрасна група. Тоа е така зашто имунолошкиот систем слабее со текот на години и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите.

Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.

Светската здравствена организација им препорачува на лицата над 65 годишна возраст со здравствени проблеми да се вакцинираат против грип секоја година. Овие вакцини се безбедни а несаканите реакции се мали. Бремените жени исто така имаат препорака да се вакцинираат за грип, бидејќи се повеќе склони кон потешка форма на болест кога се заразени со грип и тоа може да има негативни последици за фетусот.

Вакцината против грип дадена за време на бременоста го штити и новороденчето во првиоте месеци од животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот