
На српската пејачка Бресквица ѝ забранија влез во Косово, не успеа да одржи концерт во Митровица
Српската пејачка Анѓела Игњатовиќ – Бресквица не успеа да настапи во Косовска Митровица откако ѝ бил забранет влезот на Косово. Поради оваа одлука, нејзиниот најавен концерт вечерва е целосно откажан.
Препорачано
Според информациите од белградските медиуми, припадници на косовската полиција ја запреле пејачката на административниот премин и ѝ наложиле да се врати, без да бидат објавени точни причини за забраната.
По настанот, Бресквица им се обрати на своите обожаватели кои ја очекуваа на концертот.
„Од срце ви благодарам што издвоивте време да дојдете вечерва, да се дружиме и пееме заедно. За жал, мојот бенд и јас не успеавме да го поминеме административниот премин и вечерва нема да можеме да настапиме, но сигурна сум дека наскоро ќе се видиме и ќе ве известам за нов датум“, порача таа.
Настапот во Северна Митровица го организирала српската политичка партија Српска листа во Косово, а како замена за Бресквица ќе настапи пејачот Боба Ракиќ.
Бресквица минатата година се натпреваруваше на српскиот избор за Песна за Евровизија со композицијата „Гнездо орлово“, песна која предизвика реакции во јавноста поради наводна политичка порака за Косово, што пејачката подоцна категорично го негираше.