
На „Скопско лето“ беше промовирана книгата „Предизвикот Ништо“ од академскиот сликар Давор Тоциновски
Книгата „Предизвикот Ништо“ од академскиот сликар Давор Тоциновски во издание на „Академска мисла“ од Скопје е двојазично издание на македонски и на англиски јазик. Потписник на преводот на англиски е Сандра Прилепчанска.
Препорачано
Формата книга се користи како медиум во кој се претставени три текстуално документирани ликовни перформанси. Делото не се оградува од книжевната форма од причина што на прв поглед ги содржи сите медиумски примеси, и оваа пишана наративна конфигурација се потврдува со постулатите на концептуализмот и неоконцептуализмот, правци чиишто засновани ставови, принципи и директиви даваат право пишаната реторика да ја вбројуваме како ликовно дело, односно да ја третираме како текстуална презентација на веќе интерпретирана уметничка перформансна изведба, а медиумот на овој естетски проект би го дефинирале како текстуално документиран ликовен перформанс.
Од појавувањето на ликовниот перформанс на сцената, неговото презентирање бележи широк опсег и варијации на прикажување. Тоциновски смета дека текстуалноста како форма за експонирање на ликовниот перформанс не е експлоатиран медиум, а таа констатација на авторот му отвора можност на тој план повеќе да експериментира, а со тоа и да истражува.
Првиот перформанс има примеси кои се конектираат со „neoism“ или „parodistic-ism“ супкултурен експериментален правец, што се прикажува на воспоставените принципи на „neoism“ и е причина што ваквата ликовна акција, се мисли на ликовниот перформанс кој е презентиран во есејот „Воздржаност од уметност“, е пандан и е претходно изведен. Во суштина, ликовната акција е преземена од друг автор, но се експлоатира исклучително перформансната интерпретација, односно интерес на авторот е само преземањето на замислата дека не треба да се работи и дејствува одреден период, а неактивноста на ликовен план ја преформулираме како естетско дело. Додека, пак, темата, концептот и содржината што се третираат и зошто се прави тоа, се целосно дијаметрално различни и полемизираат со други естетски димензии и конотации, кои ја третираат тематиката ништо.
Вториот ликовен перформанс „Деконструкција на материјата и материјалното“ е изведуван подолг временски период со перформансни акти и ликовно акцентирани телесни гестикулации. Индивидуата доаѓа до одрекување и делумно дистанцирање од неколку хуманоидни норми, морални принципи, ментални правила и воспоставени кодекси на однесување или делумно се дистанцира, оградува, оддалечува од генетската материја на човекот и апстинира од егзистенцијалното и материјалното. Споменатото дистанцирање авторот го насочува и во делото да ја третира тематиката делумно, ништо во одредени акти и максимално ништо.
Информацијата кога временски започнува и кога завршува е во третиот ликовен перформанс „Конкретизиран перформанс“ е единствената информација и акција која претставува двигател на ликовниот проект, фигурира и ќе го оформува, интерпретира, карактеризира и актуaлизира ликовното дело. Ова се прави со намера што се сака да се креира фиктивен перформанс во кој делумно и со крајно минимизирани примеси ќе бидат присутни, односно неприсутни естетските перформансни методи, критериуми, класификации, елементи, карактеристики, контексти и концепти.
Маргинализацијата на наведените перформансни вредности е авторски порив и избор нивното присуство да е сведено на минимум во конституцијата на овој ликовен производ, и како таков искреиран исказ да реферира и суштествува како ликовно дело кое како форма ја експлоатира тематиката Ништо.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 291, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27.7.2025)