Фото: НП Шар Планина

На Шара се поставуваат електрични огради за заштита на имоти од мечки и волци

Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека „по повод Светскиот ден на животната средина, почна акција за поставување електрични огради за заштита од големи месојади како мечки и волци“ во високите предели на планината. Поставувањето на оградите е почнато вчера на имоти во селата Бозовце, Вешала, Вејце и Шипковица, а таква опрема е поставена кај петмина сопственици на фарма и пчелари, соопшти Националниот парк.

Оттаму велат дека електричните огради се докажана превентивна мерка во ЕУ за заштита на добиток, пчеларници и земјоделски култури од мечки и волци. Со ова се намалуваат штетите и се ублажуваат потенцијални конфликти помеѓу човекот и дивината, додека истовремено се штити биодиверзитетот.

-Електричната ограда во село Бозовце се поставува на фармата во чија ограда беше заплеткана мечка пред две години. Разумното делување на сопственикот кој покажа соработка и разбирање во соработка со Национален парк Шар Планина денес резултираше во конкретна помош за понатамошен соживот помеѓу дивите животни и локалното население, вели Анела Ставревска Панајотова раководител на одделение за заштита на природата.

Во рамки на паркот живеат меѓу 16.000 и 17.000 луѓе во 25 живи села, а поширокиот Полошки регион вклучува и многу повеќе. За сите нив, Шар Планина претставува природен штит – заштита од пожари, поплави, ерозија, лавини и други природни закани, но и гарант за зачувување на биодиверзитетот и водните ресурси.

Шара е дом на речиси две третини од вкупната флора на Македонија, со над 2.000 видови васкуларни растенија – од кои повеќе од 200 се балкански ендемити, а некои се и локални ендемити, незабележани никаде на друго место во светот. Богатството на растителниот и животинскиот свет овозможува традиционално сточарство, земјоделство и пчеларство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот