
На младите не им се војува: Источноевропските армии не можат да привлечат регрути
Без луѓе не можеме да направиме ништо. Ако ја модернизираме опремата, а немаме доволно млади, компетентни и мотивирани луѓе, тоа се попусто потрошени пари, објаснува полскиот генерал Карел Рехка
Чешката Република, една од земјите што по уривањето на Железната завеса во Европа се префрли од Варшавскиот пакт во НАТО, со години не може да ги пополни армиските редови со нови регрути.
Војската и војувањето не им се привлечни на младите Чеси, поради што воените формации не се доволно опремени, а страда борбената готовност.
Препорачано
Тоа и не беше голем проблем, сѐ до руската инвазија врз Украина во 2022 година, која ги притисна европските земји, особено од источниот дел на континентот, забрзано да ги надополнуваат празнините во воените магацини, а особено во касарните и гарнизоните.
Осумдесетина средношколци се пријавиле дел од летниот распуст да поминат во четиринеделен камп, со основна воена обука, на полигон стотина километри западно од Прага. Таквиот интерес е позитивен чекор, но не е доволно голем за да се задоволат потребите за армијата.
Генералот Карел Рехка, командант на чешките оружени сили, изјави за Ројтерс дека сегашниот систем е неодржлив. Тој објаснува дека летниот камп е организиран од Четвртата бригада за брзо распоредување, која оперира со едвај 50 отсто од потребниот капацитет војници.
– Нашата цел е да ги одвратиме потенцијалните агресори во иднина. Ако не направиме ништо за кусокот на персонал во војската, тоа би значело дека нема да бидеме во состојба да го одбраниме мирот и да одвратиме потенцијален непријател – вели генералот Рехка.
Руската инвазија врз Украина, сепак, поттикнала поголеми напори за пополнување на воените редови. Во 2021 година во Чешка биле задоволени 56 отсто од целта за регрутирање, а во 2022 година, по инвазијата, процентот скокнал на 85 отсто.
– Без луѓе не можеме да направиме ништо. Ако ја модернизираме опремата, а немаме доволно млади, компетентни и мотивирани луѓе, тоа се попусто потрошени пари – објаснува генералот.
И другите поранешни членки на источниот блок поминуваат низ слични проблеми, особено Полска, Унгарија, Романија и Словачка, кои се граничат со Украина.
Интересот за регрутација е намален и поради падот на стапката на невработеност кај младите. Потешко може да се привлечат млади луѓе кога тие имаат потенцијал да заработат повисоки плати во приватниот сектор.
– Имаме предизвици. Тие се поврзани со фактот дека пазарот на труд тука е многу компетитивен – вели генералот Карол Димановски, прв заменик-шеф на Генералштабот на оружените сили на Полска.
Функционерите и генералите во Варшава велат дека се исполнуваат целите за регрутирање, но поради обновената закана од Русија се крева нивото. Критичарите велат дека е невозможно да се оствари планот Полска да изгради армија со 300.000 војници. Варшава планира да го зголеми и на дури 5 отсто делот од бруто-домашниот производ што ќе го издвојува за одбрана. Тоа е 2,5 пати повеќе од прагот што го наметнува членството во НАТО.

Повозрасните жители на земјите што долго време беа во зоната на влијание на Москва стравуваат од новата закана олицетворена во рускиот претседател Владимир Путин.
– Знаеме дека руска агресија не е невозможна, и тоа во следните неколку години. Во случај на руски напади, мора да имаме на распоилагање одреден број војници и капацитети – вели Томаш Копецни, поранешен заменик-министер за одбрана на Чешката Република.
За да привлечат повеќе регрути, владите во источноевропските земји активираат кампањи по социјалните мрежи, нудат парични бонуси и ги намалуваат медицинските ограничувања за професионални војници.
Слично како и во Чешка, и полските власти почнаа кампања „Празници со армијата“, која на млади на возраст помеѓу 18 и 35 години им дава основа воена обука во времетраење од четири недели. Ваквите кампањи го зголемиле бројот на регрути, но во исто време од служба во 2023 година се повлекле рекорден број од 9.000 професионални војници.
– Тоа е природен процес. Нормално е значителна група војници да се повлече од служба неколку години откако ја почнале. Ќе настојуваме да им дадеме попривлечни понуди, да создадеме нови финансиски иницијативи – вели полковникот Богдан Сова, шеф за Директоратот за организација и регрутација во Генералштабот на полските оружени сили.
Унгарија не го објавува бројот на нови регрути, но се чини дека има проблем со исполнување на целите. Властите почнаа медиумска кампања со билборди и огласи, па дури и со продукција на телевизиски серии со воена тематика, во обид да привлечат повеќе млади војници.
Во Романија владата почна кампањи за регрутирање откако нови податоци покажаа дека не се пополнети 43 отсто од планираните офицерски позиции. Се бараат начини како да се пополнат уште 23 отсто од редовите на војниците. Од четири батерии на противвоздушниот систем „патриот“ поставен во Романија, оперативни се само две. Букурешт купи нови авиони „ф-16“ но нема доволно обучени пилоти за да ги употребува.
– Мора да се разгледа кои закони треба да се променат, и тоа не само во Романија, туку и во други земји, за да се привлечат професионалнит војници да дојдат и да останат – изјави за Ројтерс анонимен романски офицер.
Младите што се пријавуваат во камповите не се многу по број, но се мотивирани.
– Носењето униформа буди чувство на гордост. Со сѐ ова што се случува по светот, мило ми е што можам да учествувам во камп како овој – изјавил за Ројтерс чешкиот средношколец Џон Дунка, држејќи автоматска пушка на пауза во летниот камп кај Прага.