Коста Кецмановиќ

На Кецмановиќ му се стеснила свеста, инаку ќе продолжел да пука, изјави вештак на судењето

Момчето кое го изврши страотниот масакр во белградското училиште „Владислав Рибникар“, Коста Кецмановиќ, би продолжило да пука во соучениците доколку во критичниот миг не настанала состојба на „стеснување на свеста“. Ова, според „Новости“, го заклучиле вештак-психијатар и вештак-психолог во нивните извештаи за психичката состојба на тинејџерот.

„Да не се испаничив, ќе беше уште покрваво“ – ова се зборовите од исказот на Кецмановиќ даден по масакрот, а кои ги цитираа вештаците на судското рочиште.

Според наводите, експертите оцениле дека момчето внимателно и без присуство на емоции го планирало злосторството, а тоа го покажало пред и по нападот во училиштето, во кој со пиштол уби деветмина соученици и школскиот обезбедувач. Но, вештаците велат и дека дошло до краткотрајна промена на психичката состојба – т.н. „стеснување на свеста“. Ова траело околу 80 секунди и делувало како прекин на криминалната намера. Овој наод, тврдат медиумите, е клучен за реконструкцијата на настаните и за разбирањето на мотивацијата за ужасниот чин.

Случајот повторно ја отвори дебатата во Србија за третманот на деца кои извршиле тешки кривични дела, границите на кривичната одговорност и потребата од системски психолошки скрининг и поддршка во образовните институции. Паралелно со форензичките процени, јавноста бара појасни протоколи за превенција – од рано препознавање на ризично однесување, до брза интервенција на стручни служби и координација со полицијата.

Правните експерти потсетуваат дека форензичките извештаи не се судска пресуда, туку стручен материјал што му помага на судот да ја утврди фактичката состојба. Во вакви предмети, велат тие, клучни се и наодите за семејната средина, можни претходни алармантни сигнали и одговорноста на возрасните кои имале должност на надзор.

Масакрот во „Рибникар“ се случи на 3 мај 2023 година, а покрај десетте жртви, уште пет деца и наставничка која се обидела да ја спречи трагедијата, беа повредени.

Семејствата на жртвите на Коста К. бараат кривична одговорност од 12-годишна возраст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот