
На Европското слем-првенство Миланчо Пендев го освои третото место според гласовите од публиката
Европското слем-првенство за 2024 година, на кое учествуваа слемерки и слемери од 32 европски земји, вклучително и од Македонија, Србија, Хрватска и Грција од регионот, се одржа на средината на декември во Кошице, Словачка, во организација на Слем поетри Словачка.
Препорачано
– Европското првенство е остварување на мојот сонот. Го организиравме првото Европско слем-првенство со локални финансии и второто досега на кое учествуваа 32 европски земји. Кошице уште еднаш покажа дека иако се наоѓа на источната граница на Европската Унија и е многу помал од Париз и Берлин, сепак, е европски град со еднаква културна и уметничка сила – изјавил Томаш Страка, организаторот на првенството и предводник на Поетри слем Словачка.
Титулата Европски слем-победник на својата земја ѝ ја донесе слемерката Тереза Сперлинг од Германија. Второпласирана беше Англија со својот претставник Свен Стијарс, а веднаш по неа, со многу мала бодовна разлика, Шкотска, односно Гордон Кристофер Паури.
На Европското слем-првенство се практикуваше комбинирано гласање од комисија и од публика. Тричлената комисија беше интернационална и беше составена од Ленка Шафранова, универзитетска професорка и писателка од Словачка; Роберт Боб Хисек, слемер и преведувач Чешка; и Петер Молнар, европски слем-победник во 2018 година од Унгарија, но и од жири-заменикот од САД, Шон Патрик Малрој, писател, актер, музичар и уметник, кој гласаше за претставниците на матичните земји на жири-членовите, со цел да се избегне пристрасност.
Покрај овие жири-членови, се одбраа и тројца од публиката кои гласаа во живо, а останатата глобална публика имаше можност да гласа онлајн. Македонскиот национален претставник Миланчо Пендев го освои третото место на онлајн гласањето од страна на публиката.

– Сè уште сум под импресии и не можам да си ги средам впечатоците. Во секој случај, Европското слем-првенство за мене беше едно сосема ново искуство, кое љубоморно ќе го чувам до крајот на животот. Таму научив една многу важна поука, дека слемот не е само натпревар, туку живот и идентитет. Освоив трето место од публиката. Дружбата со останатите учесници и учеснички и споделувањето на разни искуства направија да се чувствувам посебно, ценето и сакано. Си дојдов полн со живот и со многу поразлични погледи кон него. Се обидов на Европа да ѝ ја пренесам својата порака и по реакциите сигурен сум дека успеав. Сакам да се заблагодарам на Театарска работилница – Прилеп, која имаше доверба во мене и финансиски ме поддржа на Европското првенство – изјави Пендев.
Нашиот претставник го придружуваше соорганизаторот на Националниот слем-натпревар, слемерот и актер Игор Трпчески.
– Европското слем-првенство беше во одлична организација, особено вечерта на отворањето кога беше претставувањето на словачката национална сцена. Впечаток ми остави топлиот прием, и тоа што сите добија еднакви можности за настап, како и дополнително и со заедничка помош да поработат на своите настапи и текстови, доколку чувствуваат потреба. Како организатор, од голем интерес за мене беше тркалезната маса на која се дискутираа правилата, времетраењето и начинот на гласање на Европското слем-првенство, но и на слем-натпреварите на националните слем-сцени. Ова не ми е прва година да присуствувам на Европското слем-првенство како национален организатор придружник, но оваа година ќе ја паметам по одличната организација и одличните автори, стихови и настапи – изјави Трпчески.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 262, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.12.2024)