
На Денот на македонскиот јазик беше одбележана 50-годишнината од основањето на македонистичките студии во Романија
Во Националната библиотека на Романија во Букурешт, Амбасадата на Република С Македонија во Букурешт со поддршка од Лекторатот на МСМЈЛК при УКИМ по македонски јазик во Букурешт, на 8 декември свечено го одбележа Денот на македонскиот јазик во Романија и значајниот јубилеј – 50 години од основањето на македонистичките студии во земјата.
Препорачано
Во академската 1974/1975 година на Универзитетот во Крајова, по иницијатива на д-р Валентин Келару бил отворен првиот Лекторат по македонски јазик во Романија, а денес, македонскиот јазик се изучува на Факултетот за странски јазици и литература при Универзитетот Букурешт.
На Лекторатот во Крајова низ годините работеле голем број лектори и македонисти кои придонеле во развојот на македонистиката и промовирањето на нашата литература и култура.
– Во чест на јубилејот од основањето на македонистичките студии во Романија, со искрена почит ги споменуваме имињата на лекторите кои работеле во Крајова: Олга Иванова, Дочка Тодоровска, Снежана Велковска, Роза Тасевска, Коле Баскунлиев, Тодор Чаловски, Милован Стефановски, Толе Белчев, Глигор Нишотоски и Јадранка Ангеловска – истакнува сегашната лекторка на Лекторатот, Елена Ѓорѓиовска.

Нивната работа подоцна, во 1997 година била продолжена со отворањето на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт благодарение и на иницијатива на македонската писателка и преведувачка Лидија Димковска, која во тоа време била на докторски студии на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт и со голема поддршка од тогашната ректорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – проф. д-р Радмила Кипријанова.
Голема заслуга за развојот на македонистиката во Романија имаат и Миле Томиќ, автор на македонско-романскиот и романско-македонскиот речник, преведувачот Јон Димитру и многу други.
Свечениот настан го отвори в.д. амбасадорот на Република С Македонија во Романија, г-дин Златан Беговиќ, а свои обраќања имаа и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Билјана Ангелова, продеканката на Факултетот за странски јазици и литература во Букурешт – лек. д-р Александра Николаеску, раководителката на Катедрата за руска и словенска филологија – проф. д-р Аксинија Красовски, првата лекторка на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт – познатата македонска писателка, поетеса и преведувачка Лидија Димковска, како и сегашната лекторка на Лекторатот – Елена Ѓорѓиовска.
Меѓу присутните беа: дипломатскиот кор акредитиран во Романија, македонските почесни конзули и голем број Македонци и заљубеници во македонскиот јазик и култура.
Во чест на јубилејот, студентите од Лекторатот по македонски јазик во Букурешт препеаја поезија од современи македонски поети родени по 1990 година, а препевите беа прочитани на настанот. Препевите на поезијата од младите македонски поети од страна на студентите на Лекторатот по македонски јазик во Букурешт ја истакнуваат поврзаноста меѓу младите генерации.
– Овој креативен чин не само што ја зближува современата македонска книжевност со романската читателска публика, туку и ги поставува студентите како амбасадори на македонистиката, бидејќи тие играат клучна улога во ширењето на македонскиот јазик, литература и култура, пренесувајќи ја неговата убавина и значење во меѓународен контекст – посочува Елена Ѓорѓиовска.
Препеана беше поезијата на Ивана Јовановска, Ива Дамјановска, Сара Ѓорѓиовска, Калиа Димитрова, Пепи Стамков и Никола Дукоски. Студентите кои ја препејуваа и изведуваа нивната поезија на настанот се: Анисија Ангел, Андреа-Марија Бачеану, Александру-Серџу Мартон, Роберта-Штефанија Јонеску, Михаи-Даниел Баба, Михаи-Даниел Попа, Владуц-Андреј Матеј, Клаудиу-Антониос Илие, Владуц-Маријан Нисторика и Вика-Јоана Јон.
Настанот беше збогатен и со концерт на македонска музика во изведба врвни музички уметници кои уште еднаш докажаа дека македонското срце чука во 7/8 такт: Фросина Вандевска, Марија Јанчулеска, Марина Иваноска, Дадо Најдоски, Драгана Марковиќ и Александра Чуруковска.
Одбележувањето на Денот на македонскиот јазик во Романија и јубилејот од 50 години македонистички студии е посебно значен настан во земјата. Овој ден не е само признание за историскиот континуитет и академските достигнувања во изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, туку и симбол на трајните врски меѓу Република С Македонија и Романија.
– Јубилејот потврдува дека македонистиката е длабоко вкоренета во романскиот академски простор благодарение на посветеноста на лекторите, странските македонисти, професорите, студентите и институциите што ја поддржуваат оваа значајна мисија – заклучува Елена Ѓорѓиовска.
(Фотографии: MIPO IMAGE)