
На 46. издание на „Браќа Манаки“: Дариус Конџи со Златна камера 300 за животно дело, Воли Фистер добитник на Специјалната камера 300
Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава им оддава почит на двајца големи имиња од светската кинематографија. На 46. издание, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола, Златната камера 300 за животно дело ќе му биде врачена на француско-иранскиот кинематографер Дариус Конџи, додека Специјалната камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност ќе ја добие американскиот оскаровец Воли Фистер.
Препорачано
Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, на денешната средба со новинарите истакна дека со ова признание се заокружува импресивната листа на лауреати на годинашното издание.
Роден во Техеран, а образуван во Франција и САД, Конџи изгради кариера што го вбројува меѓу највлијателните кинематографери на денешницата. Светската слава ја стекна со филмот „Деликатеси“ (1991) и култниот трилер „Седум“ (1995) на Финчер, во кој неговиот препознатлив мрачен визуелен стил стана синоним за жанрот.

Во следните децении работеше со врвни автори, создавајќи дела како „Крадење убавина“, „Евита“, „Полноќ во Париз“, „Љубов“ и „Окја“. Неговата работа е препознатлива по контрастите на светлина и сенка, по смелото користење на анаморфни леќи и по моќните визуелни решенија кои често ја дефинираат атмосферата на филмот.
Конџи е двоен оскаровски номиниран и има бројни признанија од престижни филмски здруженија во Европа и САД. Оваа година ја потврди својата актуелност со три нови проекти, меѓу кои „Мики 17“ на Бонг Џун-хо и „Едингтон“ на Ари Астер.
Американскиот кинематографер Воли Фистер е добитник на Специјалната камера 300. Роден во Чикаго, а израснат во Њујорк, Фистер својата кариера ја изгради во соработка со Кристофер Нолан, со кого сними филмови кои го променија јазикот на модерната кинематографија.

Од „Мементо“ и „Несоница“, преку трилогијата за „Темниот витез“, до култниот „Почеток“, за кој доби Оскар во 2011 година, Фистер се докажа како визионер кој ја одржа филмската лента во ерата на дигиталното снимање и создаде незаборавни визуелни спектакли.
Покрај соработката со Нолан, работеше и на филмови како „Италијанска работа“, „Формула за успех“, како и на сопствениот режисерски проект „Виртуелна свест“. Денес неговото име е симбол за техничка прецизност и визуелна имагинација што ги инспирира новите генерации филмаџии.
На прес-конференцијата беше најавено и дека годинашниот автор на фестивалскиот плакат е познатиот македонски уметник Киро Урдин, а селекторската екипа ја сочинуваат Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Атанас Велковски, Кумјана Новакова и Ханис Багашов.