
На 101 година почина јапонската принцеза Јурико, најстариот член на царското семејство
Јапонската принцеза Јурико, најстарата членка на царското семејство и сопруга на братот на царот Хирохито, почина денеска во Токио, на 101-годишна возраст. Нејзиното здравје неодамна се влоши, а причината за смртта не е соопштена, иако јапонските медиуми пишуваат дека принцезата починала од воспаление на белите дробови, пренесе АП.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Јурико е родена во 1923 година како аристократка, а на 18-годишна возраст се омажила за принцот Микаса, помлад брат на царот Хирохито и вујко на сегашниот император Нарухито, неколку месеци пред почетокот на Втората светска војна. Во текот на војната, Јурико со сопругот и нивната мала ќерка живеела во засолниште, откако нивниот дом бил уништен во американското бомбардирање на Токио во 1945 година.
Јурико одгледала пет деца и го надживеала својот сопруг, принцот Микаса, како и сите три сина. Нејзината смрт го намалува бројот на членовите на јапонското царско семејство на само 16, вклучувајќи четири машки членови. Најмладиот машки член на царското семејство, принцот Хисахито, внук на царот Нарухито, во моментот е последниот престолонаследник, што претставува голем проблем за системот кој не дозволува владеење на царица.
Според Законот за Царската куќа од 1947 година, титулата цар можат да ја добијат само мажите, а жените кои ќе се омажат за обични граѓани го губат царскиот статус, пренесува Танјуг.