
МЗТ беше и на „минус 16“, но запиша уште еден триумф во АБА2 лигата
Во последниот натпревар од „балонот“ на Златибор, МЗТ Скопје Аеродром денеска беше подобар и од домаќинот (90:71) во АБА2 лигата. Во победничка атмосфера се враќаат дома во Скопје, а уште од претходно веќе е обезбеден настапот во плеј-офот.
Препорачано
Противникот во текот на денешниот меч имаше и предност од 16 коша разлика (30:14) на почетокот од втората четвртина, но играчите на тренерот Дарко Радуловиќ направија комплетен пресврт.
Најефикасен во триумфот беше Крстевски со 25 поени, следен од Николов со 18 поени (пет асистенции), а на спротивната страна за српската екипа од Чајетина доминираше Митровиќ со 20 поени, два помалку имаше Кутлешиќ.
„Металците“ го завршија настапот на овој „балон“ со ефект од две победи и еден пораз, за вкупен ефект од осум победи и пет порази во регуларниот дел од регионалното натпреварување. За кое место ќе биде доволен, ќе биде познато по одигрувањето на двата последни меча на Златибор.
Едниот за неколку часа (од 17.00 часот), кога нашиот втор претставник, Работнички ќе ги одмери силите со екипата на Слобода Ужице, а турнирот ќе биде затворен со дуелот Студентски центар-Подгорица (21.00 часот).