
МВР ја „вивна“ цената за привремен и постојан престој на странци од 3 на 100 евра
Без образложение, Министерството за внатрешни работи во Службен весник број 71 од 2025 година реши да ги покачи цените на обрасците што ги издава за постојан престој на странец и за привремен престој на странец.
Препорачано
Според објавеното во „Службен весник“, образецот за постојан престој кој досега чинеше 190 денари – од 10 април чини 6.150 денари. Образецот за странец кој бара привремен престој во Македонија наместо досегашните 190 денари чини 4 илјади денари.
Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека зголемувањето на цените е поради тоа што имаат зголемена потрошувачка на ресурси и зголемен број на барања.
Ве известуваме дека врз основа на секојдневното зголемување на обемот на поднесени барања за обработка, за издавање на дозволи за престој во Република Северна Македонија на лица странци по сите основи (вработување, студирање, школување, семејно обединување, волонтирање и др.) предвидени согласно одредбите од член 71 и член 129 од Законот за странци (Сл.в. РМ бр.97/18, Сл.в. РСМ бр.108/19, 294/21 и 284/23), како и зголемениот обем на работа и временски период на обработка на истите, следствено на горенаведеното, а со оглед и на фактот дека поради тоа Министерството за внатрешни работи се соочува со зголемена потрошувачка на ресурси врз основа на гореспоменатата констатирана состојба, се предложи и усвои измена на Решение за цените на обрасците што ги издава Министерството за внатрешни работи (Сл.в. РМ бр.48/15) во дел I став 1 во точка 30 и во точка 32, велат оттаму за „Слободен печат“.
Стратешка определба на Министерството е преку унапредување на процесите и дигитализацијата да креира побрзи и подостапни услуги за своите граѓани. Граѓаните заслужуваат ефикасни услуги од своите институции.
Постојан престој е престој кој му се одобрува на странец кој најмалку пет години пред поднесувањето на барањето за одобрување постојан престој непрекинато престојувал на територијата Македонија врз основа на одобрен привремен престој. Условот за пет години непрекинат престој во Република Македонија се смета дека е исполнет ако странецот во периодот од пет години пред поднесување на барањето за постојан престој не престојувал надвор од Република Македонија шест последователни месеци или во временски период што во вкупно траење не надминува десет месеци.
Привремен престој е дозвола за престој која му се издава на странец кој има намера да престојува во државата подолго од 90 дена, врз основа на следните основи: работа (вработување, сезонско вработување и упатување на работник), школување или студирање, учество во програми на меѓународна размена на ученици или студенти, специјализација, стручно усовршување или практично оспособување, волонтирање, научно-истражувачка дејност, лекување, сместување или згрижување во установи за стари лица, семејно обединување или хуманитарни причини, како и на странец кој е член на потесното семејство на државјанин на Македонија, странец кој по потекло е од Македонија, дете на странец родено во кој поседува недвижен имот во С.Македонија, во износ од најмалку 40.000 евра, како и на странец – жртва на трговија со луѓе.